Фарса наместо топ фудбал: агент го прекина дербито Бразил - Аргентина

Во квалификациите за Светско првенство 2022 најголемото јужно-американско дерби Бразил - Аргентина не беше прекинато поради некакви нереди или нешто слично, туку од една чудна сцена.

Натпреварот Бразил - Аргентина се претвори во фарса наместо во фудбалско шоу, откако во 4’ минута мечот беше прекинат зошто на терен се појавија бразилски полицајци по налог на тамошните органи и сакале да уапсат четворица аргентински репрезентативци поради тоа што ги нарушиле карантинските правила и дури наводно дале лажен исказ на граница.

Ако Емилијано Мартинез, Емилијано Буендија (двајцата од Астон Вила), Кристијан Ромеро и Џовани Ло Селсо (двајцата од Тотенхем) кажеле дека на крајот од август биле во Англија, во Бразил би ги задржале 14 дена во изолација.

И наместо да гледаме топ фудбал кој со цел да биде гледан и во Европа бил поместен за порано преку ден во Бразил, гледавме циркус. 

Во Бразил не пуштаат луѓе кои две недели пред влезот во земјата престојувале во Велика Британија. А четворицата фудбалери од Астон Вила и Тотенхем биле минатата недела во своите клубови.

Наеднаш при упадот на полициските службеници најактивен во преговорите со нив беше капитенот на Аргентина, големиот Лео Меси. Откако делегатот и судиите донеле одлука да го прекинат мечот, играчите збунето стоеа на теренот едни до други.

„Слушнете, ние сме три дена во земјава. Зошто чекавте мечот да почне а не дојдовте порано? Ни кажаа дека можеме да играме, а после чекаа натпреварот да почне за да почне се ова. Сега цел свет гледа во нас“, рекол капитенот на Аргентина.