Пети остро го нападна ПСЖ и навивачите кои го свиреа Меси пред дуелот против Лион додека играчите ги претставуваат на видео бим.
Поранешниот француски репрезентативец, кој освои титули со Монако и Арсенал, а потоа играше уште за Барселона и Челси, рече дека само навивачите на ПСЖ не разбираат дека околу Меси потребен е тим.
„Свирежите на Меси се навреда за фудбалот. Излези од тој клуб сега, Лео. Тоа не е фудбалски клуб, туку клуб пред пензионирање, дури и ако имаш 20 години. Ниту еден играч никогаш не напредувал во ПСЖ, за тоа не е виновен Меси.
Тој не е волшебник со стапче, играчите околу него треба да вложат напор. Само навивачите на ПСЖ не разбираат дека околу Меси ви треба изграден тим, нешто што го немаат, ниту ќе го имаат, бидејќи управата работи катастрофално на пазарот.
Јас никогаш од Зидан не барав да трча, моја должност беше да трчам за него. Јас бев тој што требаше да му овозможи да биде главен на оркестарот. Во ПСЖ нема таков за Меси“, вели Пети.
Во негова одбрана застана и Тиери Анри кој му беше соиграч три сезони.
„Срамота е да се слушаат свирежи од Паркот на принцовите. Не можете да го исвиркувате еден од најдобрите играчи во тимот, кој сезонава има 13 гола и 13 асистенции. Би сакал да го видам како ја завршува кариерата во Барселона“, рече поранешниот напаѓач на Франција.
На светскиот првак, кој минатата недела постигна хет-трик за Аргентина и ја надмина границата од 100 репрезентативни погодоци, договорот му истекува на крајот на сезоната.
Инаку ПСЖ годинава има 8 порази на 18 средби во сите натпреварувања, што не се случило откако катарските сопственици го презедоа клубот пред една деценија, со амбиција да го направат еден од најдобрите во Европа.
ПСЖ очајно е во потрага по трофејот во ЛШ, а не е многу убедлив ниту во првенство каде пред поразот од Лион загуби дома и од Рен. Во моментов има само 6 бода предност пред Ленс и Марсеј.