Економска револуција во Лацио кој изненади со своја криптовалута

На последниот првенствен натпревар на Лацио против Интер, на дресовите на бјанкочелестите пишуваше „Binance“. Не е тоа компанија за производство на домати како што им беше едно време „Cirio“, туку спонзор кој ги внесува во новиот дигитален свет и во поблиска врска со навивачите.
 

225.583 луѓе од кои веројатно повеќето или можеби сите навивачи на Лацио, во четвртокот не трепкаа пред своите компјутери и беа во исчекување да станат дел од клубот, ама на еден нов и поинаков начин.

Како тоа и што се случуваше?

Додека Рома ќе го памети 21 октомври 2021-ва по срамот кој го изеде во Норвешка, каде на навивачите им доаѓаше да им делат шамари на играчите, Лацио на истиот ден испиша нова историја делејќи им токени на своите поддржувачи.

Бајнанс, која важи за најголема платформа за тргување со криптовалути, пред десетина дена стана нов официјален спонзор на Лацио со кој потпиша договор на две години со опција за трета. За спонзорството ќе добива 30 милиони евра годишно, ама како оди светов изгледа и многу, ама многу повеќе.


Како дел од нивната соработка, Лацио нема само да го рекламира светскиот гигантот за берза, туку одлучи да се движи во чекор со светските иновации и извади своја криптовалута која се вика LAZIO. Што значи не мозгале многу за името.

Во периодот од 14-ти до 21-ви октомври, италијанскиот прволигаш ја пушти својата криптовалута во препродажба по што настана тепачка и бум.

225.583 навивачи аплицираа за да добијат токени и вложија над 4 милијарди долари за да добијат 4 милијарди токени, бидејќи во препродажба математиката беше проста. Еден токен – еден долар.


Но лимитот за купување изнесуваше 4 милиони токени, што значи од пред два дена на одредена и непозната бројка на навивачи им се доделени 4 милиони токени, купени се разбира во вредност од 4 милиони долари.

Потоа веднаш штом заврши преродажбата и распределбата, криптовалутата LAZIO во продажба од 1 скокна на 23 долари. Што значи ако некој успеал да добие 1.000 токени сега му вредат 23 пати или во превод заработил 23.000 долари. 

Како функционира фан токенот на навивачите на Лацио?

Профитот може, но и не мора да биде крајната цел на еден навивач. Тие што ќе поседуваат ќе имаат слобода да гласаат за одлуките на клубот и да стекнат други бенефиции.

Би имале ексклузивни попусти во клубот, па дури и збор за трансфери на играчи и други клучни одлуки кои се носат во клубот.

Ова се само првични информации за уникатните карактеристики кои се добиваат со поседување на токенот. Тој на некој начин ќе биде можност за секој навивач да биде дел од светот на Лацио и да ја подигне глобалната база на навивачи на друго ниво.


Има ли други вакви примери?

Лацио не е единствен клуб со своја криптовалута, но е прв кој има во Бајнанс. 

Успешни лансирања имаат и Манчестер Сити и ПСЖ кои исто така им се викаат како името на клубот. Но тие се дел од друга платформа за тргување која се вика socios.

Соработка со нив имаат и многу други екипи, а дел од нив се Барселона, Јувентус, Интер, Милан, Рома, Арсенал, Динамо Загреб, Галатасарај...

Парижаните имаа голема добивка, бидејќи фан токенот им порасна за 300%, а потоа стигна до својот пик од 61 долар. Големиот раст на цената се случи поради трансферот на Меси, што беше изненадување број 1 изминатово лето.

Што значи дека цената на токените ќе ја диктираат и трансферите. Ако Лацио ангажира некое големо засилување, автоматски би растела и цената на нивниот токен. 

Откако Клаудио Лотито во 2004-та го презеде Лацио, им ги искина нервите на навивачите со купување просечни играчи и лажни ветувања за големи имиња и не успеа да направи конкурентен тим за Скудето, кое последен пат го освоија со газда Крањоти во 2000-та. 

Но очигледно неговата најсилна страна е економијата во клубот. Кога стана претседател прво го спаси од банкрот, а сега го внесува во нова гранка која се смета за иднината, а тоа се дигиталните пари.

Со овој чекор се очекува голем бенефит да имаат и клубот и навивачите, а го прави заедно со најјаката берза во време кога криптовалутите фаќаат се поголем замав.

Најпозната е биткоинот кој овие денови ги урна сите рекорди и стигна до вредност од 65.000 долари.

23 октомври 2021 - 08:38