За Стивен Џерард изминатово коло во Премиер лигата беше возбудливо со многу измешани чувства, а тоа најдобро можеше да се забележи откако при последниот свиреж на судијата, со солзи го прослави големиот триумф против Манчестер Сити.
Џерард пред своите колеги одржа мотивирачки капитенски говор, се радуваше за победата која може да биде клучна за освојувањето на титулата, ги исплака 96-те жртви од Хилсборо, а една од нив има посебно место во неговото срце.
Помеѓу жртвите на стадионот во Шефилд имаше многу млади луѓе, меѓу кои 22 беа малолетни. Најмладиот од нив, 10 годишниот Џон Пол е токму негов братучед и голем навивач на Ливерпул.
Последните зборови во Автобиографијата која пред осум години ја издаде Џерард, е движечкото мото во неговата кариера кое гласи „Јас играм за Џон Пол“.
„Многу беше тешко кога дознав дека еден од моите братучеди го загуби животот. Реакцијата на неговото семејство ме направи посилен за да станам фудбалер, каков што сум денеска“, рече капитенот на Ливерпул.