На 24 групни натпревари минатата сезона, Премиер лигата имаше четири претставници, а само Ливерпул лани претрпе три порази со две ремија на шест натпревари во конкуренција со Лудогорец, Базел и Реал Мадрид. Во групната фаза на ЛШ од 2003/2004 до 2011/2012, англиските клубови претрпеле вкупно пет порази, негативен рекорд кој сезонава го израмнија после само две кола во Лигата на шампионите.
Ако некогаш при ждрепката сите сакаа да ги избегнат англиските клубови, сегашноста не е таква. Арсенал претрпе тежок пораз од Динамо Загреб и Олимпијакос во првите две кола, додека Челси ги остави бодовите против Порто. Јунајтед загуби од ПСВ Ајндховен а Сити од Јувентус.
Ниту еден од наброените клубови не фигурира како потенцијален освојувач на ЛШ сезонава, барем според букмејкерите. Јувентус победи на Етихад, иако во Серија А е 15-ти со само пет освоени бодови на шест натпревари. Челси досега сезонава загуби повеќе натпревари отколку што загуби цела сезона 2014/2015 и тоа е голем удар за империјата на Роман Абрамович.
Олимпијакос стигна во Лондон по серијата од 12 последователни порази во Англија и никогаш не победил на меч од ЛШ на Островот. Синоќа Грците ја прекинаа оваа негативна серија со три гола во мрежата на Давид Оспина. Во меѓувреме Олимпијакос стана и првата грчка екипа која постигнала три голови на англиски клуб уште од 1976-та година кога АЕК Атина му даде три на Дерби Каунти.
Иако Премиерлигата го имаше најскапоцениот трансфер период летово кога постави рекорд со надминати 870 милиони фунти потрошени за играчи, сепак и натаму имаат недостиг од суперѕвезди како Кристијано Роналдо, Лео Меси, Карим Бензема, Серхио Рамос.
Оваа теорија држи вода, особено ако се земе предвид дека најскапи засилувања во Премиер лигата летово беа Кевин Де Брујне (55 милиони фунти), Рахим Стерлинг (49 милиони фунти), Ентони Марсиал (36 милиони фунти), Николас Отаменди (32 милиони фунти), Кристијан Бентеке (32 милиони фунти).
Премиер лигата е можеби најкомпетентна лига во Европа, но кога ќе дојдат во Лигата на шампионите, англиските клубови не го покажуваат тоа на дело. Челси минатата сезона беше шампион на Англија, иако само 4 натпревари реши во своја корист со 3 или повеќе голови разлика. Барселона победи 15 меча со 3 или повеќе голови разлика, а Баерн Минхен ја освои Бундеслигата со 11 победи со 3 или повеќе голови.