Кој е Ентони Марсиал?

На четири натпревари даде четири гола што беше доволно навивачите на Манчестер Јунајтед да имаат нов миленик. По начинот на игра личи на Тиери Анри, а на 4 меча за Јунајтед даде исто голови колку Фалкао лани на 29.

Антони Марсиал е 19-годишен Французин роден во Париз кој фудбалски се образувал во фамозната академија на Лион. За младинците на Лион постигнал 32 гола на 21 натпревар и тоа било доволно да го прекомандуваат во првиот. Меѓу сениорите на Жерлан забележа 3 настапи пред да се пресели во Монако за 4,9 милиони евра во 2013. година.
 
По мирната прва сезона, Марсиал лани блесна под водство на Португалецот Леонардо Жардим и даде 11 голови на 49 настапи во сите натпреварувања. Младинскиот репрезентативец на Франција беше дел од тимот на Монако кој со 1-3 го декласираше Арсенал на Емирати.
 
Меѓу неговите квалитети, најмногу се издвојува одличниот пас и редовните асистенции кои го внесоа во идеалниот тим на Европското првенство У-21 пред две години. Ситуациите еден на еден често ги решава како Тиери Анри некогаш. Во Монако доста научи од Радамел Фалкао и поранешниот играч на Њукасл, Емануел Ривие. 

Одличните настапи во Кнежевството Монако беа препорака Манчестер Јунајтед летово за него да изброи неверојатни 49 милиони евра и да го донесе на Олд Трафорд и да го направи најскапиот тинејџер во историјата на фудбалот.
„Тој е многу пристоен играч и знае дека со вакви соиграчи може уште да напредува. Одлично одигра против Ливерпул и сега против Ипсвич. Среќни сме поради него, но мора цврсто да стоиме на земја", изјави Луи Ван Гал по вчерашниот триумф на Јунајтед против Ипсвич во Лига купот 3:0.
Молитвите пред секој натпревар му се ритуал, а за себе вели дека после секој тренинг или натпревар сака да се врати дома каде го чека сопругата Саманта и ќеркичката Тото. За разлика од неговите врсници, идол на Марсиал му бил Сони Андерсон, Бразилецот кој за Лион даде 71 гол на 100 меча од 1999. до 2003. година.

„Мојот прв дрес беше од Сони Андерсон. Кога бев мал, навивав за Лион. Вљубен сум во бразилскиот фудбал, па така многу сакав да ги гледам Роналдо и Роналдињо", изјави неодамна Марсиал.

Марсиал ги помина сите селекции во француската репрезентација, играше за У16, У17 и У21, а пред неполн месец селекторот Дидие Дешамп го повика за мечевите на Франција со Португалија и Србија.

Манчестер Јунајтед со трансферот на Марсиал по трет пат се најде на листата со најскапоцени тинејџери во историјата. Во 2004. година, Црвените Ѓаволи го купија тогаш 17-годишниот Вејн Руни од Евертон за 20 милиони фунти, а лани одвоија 27 милиони фунти за Лук Шо.

На листата најскапи тинејџери се уште и Маркињос кој замина од Рома во ПСЖ за 27 милиони фунти и Андерсон од Порто во Јунајтед во 2007 година за 26 милиони фуни.

Марсиал блесна уште на дебито за Јунајтед, а досега на 4 меча има 4 гола:

Голот и мајсториите против Ипсвич во Лига купот: