"Фудбалскиот клуб Барселона потврдува дека постигна договор со Франсес Тито Виланова и тој на чело на екипата ќе остане во следните две сезони. Виланова договорот со Барселона ќе го потпише точно на пладне на 15 јуни", се вели во соопштението објавено на клупската веб страница.
Никој од потесното раководство на клубот не сака да дава други детали од договорот, но медиумите во Шпанија пишуваат дека Виланова по сезона ќе заработува седум милиони евра.
Спортскиот директор на Барселона, Андони Зубизарета изјави дека некои информации ќе бидат соопштени на официјалната промоција на новиот тренер, која ќе се одржи во 13 часот, еден час по потпишувањето на договорот со Виланова.
Четириесет и две годишниот Виланова во последниве четири сезони му беше асистент на Гвардиола, кој влезе во историјата на клубот со освоени 14 од можните 18 трофеи.