Во четвртфинале на Мундијал 1986 се судрија фудбалските титани Англија и Аргентина. Од тој меч па до денешен ден нивните средби беа многу тензични (голот на Овен, провокацијата на Симеоне, црвениот картон на Бекам итн.).
Поминале 4 години од вооружениот конфликт за Фолкландски острови. Аргентина го освои тоа Светско, но секој фудбалер тогаш изјавил дека победата над Англичаните им била поемотивна од самото финале.
Тоа била своевидна одмазда за краткотрајната војна во која Аргентина изгубила 649 лица и целосна контрола над архипелагот.
„Гаучосите“ славеа со 2-1 со два неверојатни гола на Марадона. Во рок од четири минути Диего направи еден грандиозен и еден контроверзен потег.
Во првиот дел не се случило ништо посебно. Многу фаули и прекини под жешко сонце на стадионот „Ацтека“ во Мексико пред 114.580 гледачи!
Во 51' минута Диего тргнува во напад од средина на теренот, го поминува Глен Ходл и одигрува до Хорхе Валдано. Топката во еден момент неспретно ја избива Стив Хоџ и таа фаќа лет кон неговиот гол. Во тој момент Марадона итро со рака ја става во голот на Шилтон и Аргентина поведува со 1:0.
Сите ја виделе играта со рака освен тунискиот судија Али Бин-Насер и бугарскиот линиски судија Богдан Дочев.
За оваа кардинална грешка Бин-Насер и Дочев платиле со кариерите - Бугаринот престанал да суди, а Тунизиецот го отстраниле од сите меѓународни турнири под капата на ФИФА.
„Марадона го сруши мојот живот. Он е величествен фудбалер, но лош човек. Тој е низок по раст и како човек“, рекол Дочев кратко пред својата смрт во 2017 година.
Бин-Насер и Дочев долги години ја префрлале вината еден на друг. Бугарскиот линиски судија рекол дека почуствувал нешто чудно но дека не можел да се вмеша. „Во тоа време ФИФА не им дозволуваше на помошните судии да ја сменат одлуката на главните судии. И ако ФИФА ставеше европски судија за така важен меч, голот на Марадона ќе го поништеа“.
Бин-Насер пак, тврдел дека Дочев бил во најдобра положба и дури го гледал него кога топката летала кон голот.
„Знам дека чекав, но тој не сигнализираше игра со рака. Инструкциите од ФИФА пред натпреварот беа јасни: ако колегата е во подобра позиција, јас сум должен да го уважам и сослушам неговото мислење“.
Марадона се сеќавал дека во голот не поверувале ни неговите соиграчи кој дури ги викал да прослават: „Они беа збунети. Им кажав тргнете по мене инаку нема да го признае голот. Некој рече дека просто ги крадеме Англичаните. Одговорив со поговорката: “Оној кој го пљачка лоповот, може да се надева на целосна прочка“.
На прес конференцијата после мечот Марадона се шегувал и тогаш се родил називот „Божја рака“. Диего рекол: „Голот беше дел со рака Божја, дел со глава на Марадона“.
Славниот Аргентинец после неколку години признал дека играл со рака но одбил да се извини ниту пак се покајал. Еднаш рекол и дека сакал себе да си помогне со рака затоа што немал други можности во воздух со Шилтон од кого бил понизок 19 сантиметри.
Интересно, после долги години, во 2015-та Диего дури и бил во Тунис да снима реклами а го искористил престојот за да го посети Али Бин-Насер на гости. Го бакнал и му подарил дрес од репрезентацијата на Аргентина со натпис „За мојот вечен другар“.
Питер Шилтон, главниот актер во дуелот со Марадона при „Божјата рака“ долго време не можел да му го прости голот на Диего. Многу Англичани не му простија ни на денот на неговата смрт, но легендарниот голман овојпат смета дека човечноста е пред сè.
„Мојот живот одамна е поврзан со животот на Диего Марадона и не онака како што сакав. Но тажен сум поради неговата смрт на рана возраст. Беше несомнено најголем играч со кого сум играл, а моите мисли сега се со неговото семејство.
Нема да лажам, мислите на тој гол ме вознемируваа сиве овие години. Кога тргна да слави, он дури два пати погледна наоколу, чекаше судијата да свирне. Знаеше што направи. Сите знаеа освен судијата и двајцата линиски. Тоа беше превара. Ме превари не само мене туку и својата екипа. Ние можевме да се најдеме во полуфинале а можеби и во финале. Не се случува тоа често. Мене ми се погоди да имам шанса после четири години, но нема секој такви прилики.
Нас многу пати сакаа да не спојат на исто место, но јас не сакав да се сретнам со него додека не се извини. Он дури и се правеше дека ништо не било и остана на „Божја рака“. Тоа беше нефер. Беше великан но немаше спортски дух. Се надевам дека (голот со рака) нема да остане негово наследство. Он беше најголем играч со Пеле. Беше посебен талент и тешко е да се поверува дека почина на 60 години“.
А тој контроверзен гол на Марадона како сиве овие години да го фрли во сенка и она што Диего го направи само четири минути подоцна кога го постигна најдобриот гол на ХХ век а можеби и на сите времиња:
„Без сомнение, вториот гол беше сјаен. Но ние уште бевме во шок од тоа што се случи неколку минути претходно. Првпат на мечот му дозволивме да не пројде во дриблинг сите и даде гол. Тоа беше одличен гол, но без сомнеж без првиот гол немаше да го даде вториот“, се сеќава голманот Шилтон.
На 22 јуни 1986 година Диего Марадона стана најголема светска ѕвезда. Тој гол стана бренд и никогаш не се повтори на Светско првенство. Два гола кои се олицетворение на Диего. Темната и светлата страна. Мраз и оган. Превара, дроги и неуреден живот од една страна, а од друга најгенијалниот фудбалер на сите времиња.
На крајот од октомври, на само еден месец пред неговата смрт, Диего по којзнае кој пат бил прашан за тој момент. Рекол:
„Сонувам како ѝ давам на Англија уште еден гол. Само овојпат со десна рака“.