
Абердин го совлада нисколигашот Бонириг Роуз со 2:0 во рамки од Купот на Шкотска а Миовски ги постигна и двата гола за „Донс“. Центарфорот го совлада гостинскиот голман во 17' и 25' минута и ја продолжи неверојатната голгетерска серија.
Миовски во претходните недела дена постигна гол и против најголемите шкотски клубови Селтик и Ренџерс и тоа во рок од само четири дена.
Со овие два гола Миовски стигна до бројката од 22 погодоци што е негов личен рекорд во кариерата и кој ќе го подобрува до крајот од сезоната. Штипјанецот веќе е цел на премиерлигашки екипи од Англија и речиси е сигурно дека за голема сума ќе замине претстојното лето.
Миовски после мечот му исполни желба и на едно детенце на трибините кое држеше картон со натпис: „Миовски - најдобар на светот! Те молам ако може да го добијам твојот дрес, ти си ми омилен фудбалер! СУИИИ - БМ9“.