Од првиот Мундијал во Уругвај 1930 година ни доаѓа една неповторлива приказна. Се работи за првото и единствено Светско без квалификации каде учествувале 13 земји учеснички, меѓу кои покана добила и селекцијата на Боливија.
Многу силни европски репрезентации од тоа време како Австрија, Швајцарија, Чехословачка и Италија одбиле да учествуваат на Мундијалот, поради високите трошоци за долгото патување преку Атлантскиот океан.
Со оглед на тоа што се играло во Јужна Америка, за Боливија тоа не претставувало броблем, но тие отпатувале како најслаба фудбалска сила без никакви шанси за некаков успех.
Во знак на благодарност, но и во обид да привлечат што повеќе домашни навивачи, а можеби и некој поен, фудбалерите на првиот меч против Југославија се појавиле со натпис „Да живее Уругвај“.
Но на првата историска фотографија направиле еден пропуст, а тоа е отсуството на играчот кој на дресот ја носи третата бука У, па наместо „Viva Uruguay”, пораката гласи „Viva Urugay”.
Тој меч го загубиле со 4:0. Вториот противник им бил тимот на Бразил, но и на овој меч се појавил проблем, затоа што и двете селекции се појавиле во бели дресови. Бразилците одбиле да облечат други, а Боливијците биле поприлагодливи.
Но со оглед на тоа што во тоа време немало многу избор на дресови, фудбалерите морале да позајмат од домаќинот, па така и на вториот меч тие изгледале како да се Уругвајци.
И овој натпревар го загубиле со 4:0, а тоа било првиот пораз на селекција која носела сини дресови на Светското првенство. Уругвај како домаќин стана светски првак на првиот Мундијал, а само аутсајдерот Боливија може да се пофали дека им ги носел дресовите.
По 1957 година Фудбалската федерација на Боливија одлучила дека знамето на земјата треба да биде презентирано на дресовите од репрезентацијата, но затоа што црвената и жолтата боја веќе биле зафатени од Бразил, Колумбија, Чиле и Еквадор, ти се одлучиле за зелената.
Фудбалската репрезентација која нема да ја гледаме летово во Бразил има учествувано уште на две Светски првенства во 1950 и 1994 година, а тие и денеска се единствената јужноамериканска земја која стана „la Verde“, бојата на надежта.