Во месец февруари сè одеше на воденица на Атлетико Мадрид и сите очекуваа бандата на Диего Симеоне која бегаше цели 10+ бода на Реал и Барса, лагано да ја земе титулата. Плус имаа и меч помалку од ривалите.
Но за два месеци предноста на Атлетико се стопи ко годинешниот снег. Минатиот викенд уште и одиграа нерешено 1:1 со Бетис, а претходно изгубија од Севиља, па испаднаа и во Лига на шампиони од Челси и тоа влијаеше на пад на самодовербата.
На последните 10 меча во сите натпреварувања Атлетико Мадрид претрпе 4 порази и 3 пати играше нерешено. За тоа време Реал и Барса жнееја бодови, па Атлетико сега уште го чува водството на табелата, ама психолошката предност е кај Реал кој со 2:1 го урна големиот ривал Барса.
Покрај тоа, Атлетико на 3 недели остана и без својот најдобар стрелец Луис Суарез кој најверојатно би се вратил на 2 мај за мечот со Елче.
КОЈ СО КОГО И КАДЕ ДО КРАЈОТ НА ТРКАТА?
Уште 8 исклучително интригантни кола до крајот на Примера. Не очекува и големо дерби Барселона - Атлетико Мадрид на 9. мај.
Освен со Барселона, јорганџиите“ до крај играат со: Еибар (дома), Уеска (дома), Атлетик Билбао (гости), Елче (гости), Сосиедад (дома), Осасуна (дома) и Ваљадолид (гости).
Лионел Меси и Барса до крај ги очекуваат: Хетафе (дома), Виљареал (гости), Гранада (дома), Валенсија (гости), Леванте (гости), Селта (дома) и Еибар (гости).
Јавноста го прогласи Реал за фаворит за титулата. Тимот на Зидан е самоуверен по големиот триумф над Барселона, има серија од 4 победи по ред и 13 натпревари по ред без пораз во сите натпреварувања (10 во Ла Лига).
Најтежок меч на Реал би требал да биде оној со Севиља во Мадрид на 9 мај, а ги чека и Баскија.
На преостанатите натпревари „кралскиот клуб“ ќе игра со: Хетафе (гости), Кадиз (гости), Бетис (дома), Осасуна (дома), Гранада (гости), Атлетик Билбао (гости), Виљареал (дома).
Зинедин Зидан после славјето над Барса (трета победа во Ел Класико по ред за Реал) изјави дека најинтересното допрва следува: „Од аспект на борбата за титулата ништо не се смени. Пред нас има уште многу натпревари. Сега треба да се одмориме после два тешки меча (Ливерпул 3:1, Барса 2:1). Не знам што ќе биде на крај од сеозната, ама од аспект на физичка подготвеност ние сме на врв“.
Од друга страна, новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта вели: „Имаме 8 меча пред нас за да стигнеме до титулата во Ла Лига. Не сомневам дека нашата екипа ќе се бори до самиот крај“.
Финишот во Примера ветува интрига и голема драма.