Први санкции по бруталната епизода од третото коло во Лига Европа кога на мечот Евертон - Лион, навивач на домашната екипа со мало детенце во рака влезе во директен судир со фудбалерите од Франција.
Овој неодговорен лик кој безумно тргна во сред метеж да удира без да размисли дека малиот цел живот може да носи последици од настанот е понегативен дури и од иницијаторот на тепачката, стоперот на Евертон Ешли Вилијамс од Велс.
При резултат 1-1 Ешли Вилијамс влезе грубо во еден дуел со гостинскиот голман Ентони Лопез и толку требаше да избивне општа тепачка на теренот во која учествуваа 20-ина играчи на двата тима и плус навивачи на Евертон кои седеа до најблискиот сектор до теренот.
Меѓу нив и ’навивачот’ кој во една рака држеше мало детенце а со другата рака замавнуваше да удри некој играч на Лион.
Гостите од Франција запрепастено му покажуваа со рака дека е со дете и да не се глупира.
Евертон немаше милост и од клубот брзо го идентификувале човекот и соопштиле дека е доживотно суспендиран и дека веќе никогаш нема да може да го гледа Евертон на својот стадион. Притоа и полицијата од Мерсисајд (со седиште во Ливерпул) ги искористила снимките и соопштила дека напаѓачот ќе добие пријава а се огласи и УЕФА која разгледува евентуални санкции.
„Никогаш не сум верувал дека во англиската атмосфера ќе се удри противнички играч но бидна и тоа. Ништо повеќе. Изгледаше дека настанот ги разбуди нивните навивачи и играчите беа среќни“, изјави голманот на Лион Ентони Лопез кој беше директно инволвиран во хаосот. На крајот Лион славеше 1:2 и освои важни бодови во групата Е.