Дон Карлито

Легендарниот италијански тренер ќе го игра своето шесто финале на Лига на шампиони а има и четири трофеи од истото со што е најтрофеен стратег во историјата на најсилното европско натпреварување.

Карло Анчелоти е како вино, што е постар тоа е подобар. Во втората недела од јуни ќе полни 65 години а неговиот Реал Мадрид игра се подобро и подобро од година во година.

Италијанскиот тренер синоќа урна или постави неколку рекорди. Тој досега на 10 меча против Баерн Минхен не загубил ниту еднаш како тренер. За време на работата во Милан и Реал Мадрид против Баварците има 7 победи и три нерешени, учинок каков што нема ниту еден тренер.

Интересно Анчелоти и самиот работеше како тренер на Баерн од 2016-та до 2017-та. 

Анчелоти има 4 шампионски пехари во Лига на шампиони, два пати со Реал Мадрид (2014 и 2022) и два пати со Милан (2003 и 2007).

„Имавме сили за пресврт кога Баерн Минхен постигна гол. Тоа се случи сега пак на „Бернабеу“. Тука со нашите навивачи тоа е вообичаено дело. Со нив можеме да направиме многу неочекувани работи. Верувавме. Хоселу направи фантастична работа. Тој е фантастичен напаѓач. Се справивме многу добро, на крајот од мечот имавме многу енергија.

Секако, ќе уживам во тоа до финалето. Ќе поминеме убави денови со нашите навивачи за да прославиме и титула во Ла Лига“, рекол Анчелоти и на еден германски новинар му кажал: „Може да останете со нас во Мадрид“.

„Благодарен сум им на играчите, многу работат. Мислам дека ова е најдобра екипа во мојата кариера“.

Ова му е втор мандат на Анчелоти во Реал Мадрид по оној од 2013-2015 со тоа што вредно е да се напомене неговата епизода во Евертон каде на стартот на сезоната 2020/2021 имаше седум победи по ред, беше избран за менаџер на месец септември, но веќе во јуни 2021-ва Реал Мадрид реши да го откупи неговиот договор од Евертон по заминувањето на Зинедин Зидан.

Карло со огромно задоволство го прифатил повикот од неговиот добар пријател Флорентино Перез. Анчелоти веднаш се фати за работа и од Реал направи непобедлива машинерија. Интересно е што му смисли нова улога на Винисиус која фантастично му легна на Бразилецот, а му ја адаптираше и позицијата на Џуд Белингем па така овој тандем потпомогнат од сите останати соиграчи прави дар-мар.

Реал Мадрид ја освои шампионската титула во Ла Лига сезонава а во моментов ја продолжи серијата без пораз на 21 меч. По триумфот 2:1 после луд пресврт над Баерн Минхен, Реал нема пораз на 21 меч. Последен пат изгубија на 18-ти јануари од Атлетико Мадрид на гости во Купот на Шпанија. Од тогаш имаат 15 победи (од нив и една на пенали против Сити) и 6 нерешени.

На 11-ти мај сега Реал Мадрид го чека натпревар против Гранада на гости во рамки на 35. коло од Ла Лига, а за 1-ви јуни е закажано големото спектакуларно финале на Лига на шампиони на „Вембли“ во Лондон.

9 мај 2024 - 11:03