Доминацијата на неприкосновените италијански стратези

Знаете ли дека во последниве 8 сезони во Премиер лигата титулата ја освојуваат четворица различни италијански тренери, а дека во последниве 25 години во најскапата лига во светот ниту еден домашен тренер не го сторил тоа? Едноставно Италијанците тоа го прават најдобро.

Жозе Мурињо еднаш изјави дека во Италија секој мисли дека е тренер. Ова не треба да претставува изненадување со оглед на неверојатниот степен на доверба кои го уживаат во тренерскиот свет.

Антонио Конте во петокот стана четвртиот Италијанец кој во последните 8 години успеал да ја освои Премиер лигата. Претходно тоа го сторија Карло Анчелоти (Челси, 2010), Роберто Манчини (Манчестер Сити, 2012) и Клаудио Раниери (Лестер, 2016).

Ова е практично златна ера за тренерите од апенинскиот полуостров. Само оваа сезона италијанските тренери освоија три од најсилните пет европски лиги. Конте ја освои Премиер лигата, Анчелоти Бундеслигата, а Алегри е на праг да победи во Серија А. Тој ќе го води Јуве и во финалето на ЛШ и може да стане трет Италијанец со европски пехар во последните шест години.

Во Русија на пример, шампион по 16 години стана Спартак Москва, а тренер им е Масимо Карера, кој е поранешен помошник на Конте. Низ цела Европа италијанските тренери се во мода. Ниту една друга земја нема 18 Италијанци распрскани во топ 5 лигите во Европа. Дури и селекциите на Кина и Албанија ги водат тренери од Италија, како што претходно беше со Англија, Русија и Јапонија.

Но ова сепак не е нов феномен, туку нивната доминација во Европа трае со декади. Италијанците се рекордери по број на освоени трофеи во КЕШ/ЛШ, а имаат и најголем број (46) на освоени трофеи под капата на УЕФА. Втори се Шпанците (37), а трети Германците (27).

Која е тајната која стои зад оваа нивна доминација?

Наједноставниот одговор е дека италијанските тренери се најдобри на тактички план. Тие редовно се во првите редови кога станува збор за револуцијата на оваа игра. Од Катеначото во 60-те кога Нерео Роко со Милан и Хеленио Херера со Интер доминираа во Европскиот Куп на шампиони, до високиот пресинг на Ариго Саки и оној непобедлив Милан, па се до тактиката на Спалети во Рома со Тоти како лажна 9-ка.

„Италијанските клубови не можат да си дозволат некои трансфери што се прават во други лиги, но идеите не се купуваат. Во тој поглед, нашата школа за тренери е уште од претходно“, изјави легендарниот Џовани Трапатони.

Со тактиката во фудбалот постои опсесија во Италија, а нејзиното значење се пренесува и на децата. Тренерите ги проучуваат противниците прецизно и може цели тренинг сесии да потрошат во тоа, додека на тв емисиите постојано доминираат тактичките дискусии.

Центарот Коверчано е познат за обука и развој на тренерите во Италија, но тие мора да бидат стратешки прилагодливи. Вистината е дека тактичката способност не е нешто што може да се научи на курс. Капацитетот да се размислува критички и аналитички е нешто што е длабоко вкоренето во умот на Италијанците.

„Она што нè издвојува како тренери е таа наша минута на внимание до детали“, вели Трапатони.

„Нашите тренери се многу подобро подготвени тактички од било кои други тренери. Италијанските тренери едноставно се најдобри во светот“, смета Роберто Манчини.

Италијанците се познати по својата тактичка прилагодливост, а број 1 во тоа е Алегри. Во последните неколку сезони формацијата ја менуваше од 3-5-2 во 4-3-1-2, 4-4-2, 4-2-3-1 па се до 3-4-3. Тој за брзо време сфати дека неговите играчи му оставаат премногу простор на Монако во реваншот од ЛШ и откако дефанзивната линија од тројца ја засили со уште еден човек, Јувентус почна да доминира.

Постојат макијавелистички принципи кои многу италијански тренери ги вежбаат кај своите играчи за да научат да победат по секоја цена. Без разлика дали напаѓаат или се бранат, дали ги бакнуваат или тепаат своите противници, на крај мора да ги оправдаат средствата.

„Кога Италијанец ќе ми каже дека ова се тестенини, јас погледнувам под сосот за да се осигурам. Тие се пронаоѓачи на димната завеса“, се шегуваше во една прилика Сер Алекс Фергусон.

„Кога бев во Јувентус и кога не игравме добро, претседателот Џани Ањели дојде до мене и ми рече: Трапатони, денес не се забавував, но важно е што победивме“, вели Трапатони.

Има толку многу работи кај нив, што остатокот од светот може само да учи. Што се однесува до Англија, тие треба да се засрамат. Во 25 години откако е формирана Премиер лигата, ниту еден Англичанец ја нема освоено. Последниот кој завршил втор е Кевин Киган пред 21 година, а трет Сер Боби Чарлтон пред 14 години.

Од Втората светска војна до денес само тројца англиски тренери освоиле титула во Франција, Италија, Шпанија и Германија, а двајца од нив тоа го сторија во 1946-та и 1950-та.

И оние ретки тренерски имиња кои се обидуваат да направат нешто во странство, се понижуваат. Така беше со Гери Невил во Валенсија, така е и со Тони Адамс во Гранада.

Англија има потреба од интелектуална револуција на оваа тема и во медиумите и меѓу младите. Со оглед на нивната експертиза во оваа област и последната доминација во Премиер лигата и надвор од неа, сигурно не ја води подобро оваа револуција од еден Италијанец.

ВИА