Во 1993-та Златната топка ја освои Роберто Баџо. Втор Денис Бергкамп, трет Ерик Кантона, а четврти? Ален Бокшиќ. Па сега вие самите заклучите според друштвото колку вредел поранешниот хрватски репрезентативец.
Достигна блескави моменти, но и разочарувачки. Сезона од соништата му беше 1992/1993 кога во дресот на Олимпик Марсеј стана стрелец 1 во Франција и ја освои Лигата на шампионите и тоа против Милан на Капело. И во елитата беше прв со 6 гола, но ист број на голови имаше и неговиот клупски колега Руди Фелер.
Сигурно жали за пропуштениот Мундијал 1998, бидејќи неговите стигнаа до историското трето место, а тој поради повреда мораше да биде само гледач. Кој знае што ќе правеа заедно со Давор Шукер во напад. Дебитираше на Светско на 32 години во 2002-ра.
Токму таа блескава сезона во Олимпик Марсеј е причина Серџо Крањоти да го доведе во Лацио. Таму играше шест сезони, но никогаш не ја повтори онаа од француското првенство. Прво (1993-1996), а потоа (1997-2000). Сезоната 1996/1997 ја мина во Јуве.
Како и да е, нема човек од Лацио кој не ги истакнува неговите квалитети, па дури сметаат и дека можел да стане еден од најјаките играчи.
Горан Пандев:
„Од неговата кариера може да се види колку ние фудбалерите сме условени од повредите. Ако ги немаше тие проблеми, Ален Бокшиќ ќе го паметевме како најјак“.
Алесандро Неста:
„Во кариерата имав среќа да играм со многу силни играчи, но Ален Бокшиќ беше импресивен и еден од најјаките кои сум ги гледал во мојот живот. Ако имаше ден, тогаш беше незапирлив“.
Дино Ѕоф:
„Бокшиќ беше по природа силен, неверојатен, моќен како ѕвер, но не го оствари тоа што го можеше“.
Бокшиќ ја имаше класата, способноста за дриблање, но кога ќе дојдеше пред гол се губеше. На крај стигна до само 31 сезонски погодок во Серија А, што е премалку за шест сезони во Лацио.
Марко Балота:
„Ален постигнуваше малку голови со оглед на потенцијалот кој го поседуваше. Ќе стигнеше до гол и потоа ништо. Во спротивно мислам дека ќе се сеќававме на него со децении. Има играчи кои не се мрдаат од шеснаесетник, а даваат гол, но тој се мачеше“.
Но во Лацио знаеа дека имаат страшен потенцијал и ги чекаат неговите минути. Во сезоната 1994/1995 во тандем со Сињори успеа да си ја врати самодовербата за постигнување голови.
Пепе Сињори:
„Голем играч со голем карактер и јака техника. Ми беше пријател со кој си помагавме на терен. Кога беше во добра форма не можеа да го спречат, бидејќи беше способен сам да ја реши. Успеваше да издрибла по двајца до тројца, а јас често бев сам, бидејќи сите го чуваа него. Му фалеше константност, инаку ќе беше можеби еден од најдобрите играчи во свет, бидејќи како квалитет ништо не му недостигаше“.
Поради несогласувања со Земан, Бокшиќ во 1996-та беше продаден во Јувентус. На Крањоти не му беше баш драго, па го врати уште следната сезона кога Свен Горан Ериксон стана тренер на Лацио.
Хрватот знаел да биде понекогаш и терсене во однесувањето, а тоа најдобро го раскажува голманот Балота.
„Се сеќавам пред еден натпревар, дресот му беше тесен, го соблече и рече дека ако не му донесат друг нема да игра. Тренерот му рече ок, не играј“.
Најдобра сезона му е во сезоната 1997/1998 кога на 10 меча по ред во Серија А постигнал 10 гола, но останал на толку на вкупно 26 средби.
Со трофеи не мина лошо во Италија. Со Лацио освои четири од кои Скудето, два пати Куп на Италија и Куп на Куповите на победниците, а со Јуве Скудето и Интерконтинентален Куп.