За него постарите ќе речат дека имаше елегантен стил на игра како Франц Бекенбауер, а тој скромен во одговорите не сакаше да зборува за споредби со други славни стопери.
Почнал со уличен фудбал на голови со камења. Класика. Но малку необично, татко му долго време не знаел дека игра фудбал во маало, а и за Вардар.
Тој сакал да стане музичар за да заработува добро и му купил хармоника. Подоцна му го смениле инструментот со мандолина со која почнал да свири во оркестар.
ФК Вардар, сезона 1964/1965
Стојат (од лево на десно): Фрањо Пазмањ (тренер), Петар Шуличчевски, Васил Чочков, Никола Рудиќ, Часлав Божиновски, Кирил Дојчиновски и Андон Дончевски.
Клечат (од лево на десно): Благоја Цветановски, Методија Спасовски, Живко Поповски, Илија Мојсов и Димитар Ковачевски.
Кога татко му разбрал дека е играч на Вардар, отишол да го гледа на Градски, но без да му каже, за да се осигура дали е тоа вистина. Платата му била неколку пати поголема од татко му и секогаш ја носел дома.
Во Вардар бил дел од пионери од каде стигнал се до прв тим со кој играл во првата југословенска лига.
Почнал како десна полутка, но потоа го ставиле на местото на центархалфот кој се повредил, со образложение дека играл добро со глава и така останал на таа позиција.
Го барале од Хајдук, но во меѓувреме имало повик од Белград кој не можел да го одбие. Звезда е Звезда, клуб кој го сметaше за прва љубов.
Го сакаше и Вардар, но од македонскиот бренд беше подзаборавен. За здравствените проблеми со нозете први се јавиле и му помогнале од Црвена Звезда.
Како голем талент го забележал легендарниот Миљан Миљаниќ кој дошол во Скопје и на Вардар му платил добра сума за Киро. Вели дека трансферот никој не знае колку чинел, бидејќи од богатиот колач добро се офајдил и секретарот на клубот со прекар Мува. Дел од парите за трансферот добил и тој.
Кирил Дојчиновски, Петар Шулинчевски и Методија Спасовски
Дојчиновски во дресот на Југославија имал привилегија да заигра на бразилската Маракана против Пеле, заедно со уште една вардарова легенда, а тоа е Методија Спасовски. Мечот завршил 3:3, а резултатот го отворил токму Мето.
Бразилците кои важеле за јаки индивидуалци, имале голем респект кон Југославија бидејќи биле воодушевени од нивниот тимски фудбал.
Во Вршац висат тренерки од Дојчиновски кои ги носел на Светското во Германија 1974. За време на првенството ги посетил Тито.
По Вардар и Звезда, заиграл и во француското првенство, прво една година во Троја, па уште две во ФЦ Париз. Вели дека ги плаќале добро, а ги барале бидејќи биле подобри играчи од Французите.
Дојчиновски како тренер водел повеќе клубови меѓу кои Вардар, Брегалница Штип, грчки Ираклис, а бил и селектор на Ел Салвадор.
Кога во Скопје се играше финалето од Супер Купот, легендата на Реал Мадрид, Емилио Бутрагењо се сретна со Дојчиновски кој му бил тренер во Мексико.
Прекрасната белградска приказна за комшија Кире