Додека други трчаат по големи ѕверки, Бенфика најде бисери во Норвешка

Португалските гиганти Бенфика, Порто и Спортинг може да држат трансфер клиника на која би предавале како „да фрлиш рипче а да фатиш крапче“.

Во секој преоден рок додека најголемите европски клубови се тркаат по познати ѕвезди со цел да ја победат конкуренцијата, Бенфика си работи мирно и на страна, а после дебело наплаќа.

Зимава, во само неколку дена од јануарскиот преоден рок „орлите“ од стадионот Луж ги купија фантастичните таленти: 22-годишниот Данец Каспер Тенгштед од Розенборг за 7 милиони евра и 18-годишниот бисер Андреас Шелдеруп, Норвежанец кој блескаше за Буде Глимт со 10 гола на 17 настапи во неколку месеци.

За него Бенфика платила 14 милиони евра.

Првиот, Каспер Тенгштед, има 22 години, висок е 1.85 сантиметри и игра на сите позиции во нападот, од класичен шпиц до крилен напаѓач. 

На 14 меча во само пар месеци дал 15 гола за Розенборг. Кариерата ја почнал на рана возраст во Виборг па се преселил во системот на Мидтјиланд. Играл и за вториот тим на германски Нирнберг па се вратил во татковината каде на 29 натпревари постигнал 15 гола за Хорсенс.

Од 1 август 2022 станал член на Розенборг каде давал гол на секој натпревар во просек. Бенфика го забележала неговиот голем талент и пред неколку дена потпишале договор до 2028-ма година. Каспер Тенгштед игра за младата репрезентација на Данска и уште нема настап за сениорската селекција.

Станува збор за расен стрелец:

18-годишниот Андреас Шелдеруп е роден во градот Буде од каде доаѓа најпријатното изненадување во еврокуповите изминативе сезони, тимот Буде Глимт.

Роден на 1. јуни 2004-та, Норвежанецот Шелдеруп почнал да тренира во матичниот клуб Буде па во 2020-та се преселил во дански Норшеланд каде на 55 меча дал 17 гола. Игра за Норвешка У-21.

Важи за одличен техничар кој игра еднакво добро со двете нозе, а за најголем квалитет му се смета визијата на игра и совршениот пас кој потсеќа на оној на Лео Меси.

Шелдеруп наводно го одбил Ливерпул оваа зима, свесен дека е уште млад за најголема сцена, па мудро решил да се доразвива во магичната Бенфика која што е извор на млади таленти за што е доказ и 21-годишниот Гонсало Рамош кој растури на Светското првенство со хет-трик против Швајцарија (6:1).

Се очекува овие двајца бисери, Тенштед и Шелдеруп, во зависност од аклиматизацијата на новата средина во Португалија, набрзо да блеснат за Бенфика. „Орлите“ се клуб кој има најдобра трансфер политика на светот и клуб кој со гордост може да се пофали дека заработил стотици милиони евра на своите таленти.

13 јануари 2023 - 10:32