Аријан Адеми нема право да игра фудбал ниту во четвртолигашот Кустошија каде Динамо сакаше да го прати барем до пресудата на Меѓународниот спортски суд во Лозана. Образложението е дека и тоа натпреварување е под нивна капа.
УЕФА го казни Адеми со четиригодишна суспензија поради позитивниот допинг тест на мечот меѓу Динамо и Арсенал во првото коло од Лигата на шампионите. Одлуката од Нион го шокираше и него и челниците на Динамо и по неколку месеци договорија да настапува во четврта лига.
„Идејата беше да игра во четврта лига за да остане во каква таква форма“, објаснуваше тренерот Зоран Мамиќ, а потоа Адеми почна да тренира со своите нови колеги. Но според правилата тој нема право да игра ниту во трета, ниту во четврта лига без разлика што е од аматерски ранг.
Во Кустошија се збунети и очекуваа големо засилување.
„Не ми е јасно како Динамо ни прати играч кој нема право на настап“, вели претседателот на Кустошија, Владо Бабиќ за Вечерни лист.
Според пишувањата на хрватските медиуми овој пропуст е на челните луѓе во Динамо Загреб кои џабе му дадоа надеж на македонскиот репрезентативец. За сега не се споменуваат казни за овој потег.