„Тој е прав бомбер, невидена класа! Тој е првиот следен голем трансфер на Палермо“, пишуваше Газета дело спорт по уште едниот пораз на „Rosaneri“ во кој Илија Несторовски го постигна седмиот гол сезонава за Палермо.
Со тој погодок „Нестогол“ се искачи на шестото место на листата најдобри “бомбери“ во лигата, заедно со Игуаин и Каљехон, а пред Карлос Бака, Манџукиќ, Бернардески, Љаиќ, Јаго Фалке...
Прилепчанецот кој блесна и во дресот на македонската репрезентација даде седум од вкупно десет голови на екипата (70%), со што директно му донел пет од вкупно шест освоени бодови на Палермо (83,3%).
Во таква ситуација, контроверзниот газда на Палермо, Маурицио Ѕампарини ги трие рацете задоволно и повеќе се надева на голем трансфер на Илија отколку да мисли на опстанок на екипата.
Македонскиот центарфор е најголемото изненадување во Серија А. Но не и за оние кои претходно го следеа во Хрватска. Палермо го купи за (од оваа перспектива) смешни 500.000 евра, а на крајот од сезонава вредноста ќе му биде десет пати поголема, тврдат италијанските трансфер-аналитичари.
„Кога го ставивме на ’пазарот’, меѓу другото го нудевме и на Ријека, на Динамо и на Хајдук, екипи во кои нашиот директор Лаљак ќе го пуштеше и за 200.000 евра“, вели Самир Топлак, човекот кој го создаде Несторовски и тренер на Интер Запрешиќ.
За 26-годишниот Несторовски Динамо и Хајдук се правеле ’многу важни’: „Некако е старомоден напаѓач кој не игра во двете насоки, ем е некако престар, не е за нас“, викале луѓето од двата најголеми хрватски клуба.
Младиот Македонец многу не обрнувал внимание и ги полнеше мрежите во хрватската лига. До крајот на минатата сезона во ХНЛ даде неверојатни 25 гола со што стана еден од рекордерите во хрватското првенство (Само Горан Влаовиќ дал 29, Едуардо 34).
„Знаете, Илија е лидер, мотиватор, фраер полн со самодоверба, фајтер кој не застанува и човек кого повредите го избегнуваат. И како таков никој не го забележа, тогашниот спортски директор на Хајдук Горан Вучевиќ рече дека Несторовски не е играч за Хајдук, па наместо него го зема Нигериецот Оханџа кој е сјаен напаѓач, но склон на повреди. Истовремено, Динамо и Ријека не го доживуваа. Мене од таа а и од оваа перспектива тоа ми е како комедија“, вели Топлак за хрватски Jutarnji.hr.
Три сезони по ред Несторовски беше водечки стрелец на Интер Запрешиќ и меѓу првите во лигата. Топлак уште не можел да се начуди како Динамо и Хајдук не го доживеале.
Многу ’стручњаци’ во тие клубови велеа исто: ’Илија не е тој калибар’. Но додека Ријека уште има напаѓачи кои како така даваат голови (Безјак и Гаврановиќ), во Хајдук Оханџа повеќе е во теретана отколку на тренинзи, а во Динамо ситуацијата е следна: Судани (6 гола), Фернандес (5 гола), Хенрикез и Хоџиќ заедно дадоа вкупно 4 гола на 33 меча. А Несторовски чинел евтино, па на крај од краиштата да седи на клупа или да се кали во Локомотива Загреб, филијалата на Динамо, пишува Jutarnji.hr.
„Несторовски е еден од најголемите пропусти на нашите три најголеми клубови во последно време. Во тие клубови ќе даваше уште повеќе голови отколку што даваше во Интер Запрешиќ, а сите тие на него масно ќе заработеа“, заклучува Топлак во неверица.
Илија Несторовски е роден во Прилеп на 12. март 1990 година. Првите фудбалски чекори ги прави во младинските категории на Победа во неговиот роден град. За првиот тим на Победа дебитирал во 2006. година на само 16 години и во следните четири години постигнал 39 гола на 96 средби.
Во есента 2010-та Победа го продала во Словачко, чешкиот прволигаш. Таму ја завршил сезоната со 1 гол на 10 меча (гол против Славија Прага). Веќе следната сезона одиграл 18 меча и дал само еден гол пред да биде позајмуван во Викторија Жижков и Металург Скопје.
На 9. август 2013-та дошол прво на позајмица а потоа Интер Запрешиќ го откупил договорот за него. За овој тим три сезони по ред бил најдобар стрелец: два пати во втората лига и еднаш во најдобрата хрватска лига. Таквите настапи ги запазил Палермо кој на 6. јануари годинава го откупи договорот на Илија од Запрешиќ.
За македонската репрезентација „Нестогол“ дебитираше на 9. септември 2015-та во Скопје против Украина во квалификациите за ЕП 2016. Досега одигра 11 меча и постигна 3 гола од кои еден против Џиџи Буфон против Италија во Скопје.