Во јули 2018-та, новото засилување на Торино, Армандо Ицо дошол од Џенова во Торино. Го пречекале како ѕвезда, а стотината навивачи на „биковите“ во живо се увериле колку бекот личи на Кристијано Роналдо за што пишуваа медиумите.
„Близнаците“ веќе играа еден против друг и тоа два пати сезонава. После првиот меч торински Tuttosport го опиша Ицо како „карпата“. После вториот меч La Stampa пишуваше како Ицо има магнет во нозете: тој повел 20 напади и имал 9 одлични центаршути.
Кристијано Роналдо ги изгубил сите директни дуели со Италијанецот и решил да напаѓа преку другата страна.
Армандо Ицо го чинел Торино 10 пати помалку отколку Роналдо Јувентус, а имал огромно позитивно влијание врз тимот. Брзо се адаптирал во непозната средина и со Ринкон станал лидер во соблекувалната. Најзаслужен е што Торино сезонава прими 12 гола помалку од лани и што се бори до крај за еврокупови.
„Во Торино има многу странци и млади играчи, така што ни требаше Ицо. Тој разбира што јас сакам и се вклопи во идентитетот на клубот. Ицо е лидер, човек со карактер“, рекол тренерот на Торино Валтер Мацари.
ИЦО РАНО ОСТАНАЛ БЕЗ ТАТКО, ГО БАТАЛИЛ ФУДБАЛОТ И РАБОТЕЛ ЗА МАФИЈАТА
Лидерството на Ицо е резултат на тешкото детство, а во сериозниот фудбал го внел токму познатиот италијански тренер Валтер Мацари.
Првиот човек кој го препознал неговиот талент во локалниот тим Арчи Скампиа бил Џузепе Санторо, во тоа време шеф на младинскиот сектор на Наполи. Санторо видел енормен талент кај Ицо и го довел во Наполи за 5.000 евра.
Кога пред 10 години Мацари го водеше Наполи и играше формација со тројца стопери, во младинската школа барал играч за таа позиција. Кога го гледал Ицо, решил да се посвети на него и му купил нови копачки.
До тогаш Ицо играл со три броја поголеми копачки. Таа историја денес е совршена метафора за неговиот живот. „Татко ми работеше по 18 часа за да ни овозможи нормален живот, но леукемијата го совлада за само два месеци. Имаше 29 години, мајка ми 27 а јас 10. Кога умираше, татко ми ги држеше за рака моите тројца помали браќа, а јас стоев на врата и плачев. Од таму ми кажа: ти си сега глава на фамилијата“.
Малиот Армандо растел во Скампија, северното предградие на Неапол и најопасниот реон во цела Италија каде важи закон на посилниот. Навечер во дворот на една утврден замок се отвора портата, а пред големата вила која што ја обезбедуваат крупни билдери во ред стојат зависници.
Во срцето на овој страшен свет со лавиринти и тајни ходници оперираат камористите.
Во 2004 година во Скапмија почнала војна меѓу кланот Ди Лауро (семејство кое историски го држи реонот) и сојуз на локални дилери (оние кои го прекршиле договорот за зони на делување и поради што ги нарекле Отстапници).
Под мостовите во Неапол секое утро полицијата наоѓала нови трупови, а мафијашкиот живот им станал привлечен на младите зошто мртвите лешеви на себе имале брендирана гардероба, скап накит и многу пари.
Во тоа време 12-годишниот Ицо го баталил фудбалот и работел што ќе најде од разнесувач на шишиња вода до истоварање стока. Како многу негови врсници и тој им се дивел на мафијашите.
Но за разлика од повеќето, тој имал поинаков пат. На 13 години му западнал во очи на Џузепе Санторо, директор на младинската школа на Наполи. На тој возраст неаполските деца почнуваат или фудбалска кариера или кариера во Камора.
„Без платата на татко ми станавме сиромашни. Многу месеци јадев само леб и млеко. Никој не ни помогна така што јас баталив се и отидов да работам. Во фудбалот се вратив дури подоцна откако Наполи постојано ме викаше. Мојот успех беше чудо. Да не беше фудбалот ќе завршев во Камора. На неа стално и требаат луѓе“, раскажал Ицо во интервју за Gazzetta dello Sport.
Во Неапол добро се знае дека двете работи не одат заедно. Во 2014-та година Ицо играл во Серија Б за Авелино (Наполи го дал во својата филијала, иако тој бил најдобар меѓу младинците). Ицо брзо направил име во италијанскиот фудбал, но не го оставил минатиот живот со камора и тоа многу го чинеше подоцна.
****
Авелино ја завршил сезоната 2013/2014 на средина на табелата. На крајот од мај 2014 „бјанковерди“ играле против Модена и Реџина во првите бараж средби за пласман во Серија А. Тогаш кланот Ванела Граси решил дека овие натпревари се идеални за местење (Авелино изгубил од Модена 0:1 и ја згазил Реџина 3:0).
Ванела Граси бил клан на семејство од Секондиљано, соседниот и уште пострашен реон од Скампија. Додека дон Лауро и Отстапниците војувале и се убивале меѓу себе, мафијашите од Ванела Граси ја зграбиле приликата и за пар години израснале во трета највлијателна сила која што ја контролира проституцијата и наркобизнисот во неколку блокови во Скампија и Секондиљано.
Кланот Граси направил револуција во криминалот на Неапол, ги срушил вековните хиерархиски принципи и формирал опасно здружение на кое ништо не му можела ни полицијата ни судот.
А младиот фудбалер Ицо бил толку наивен што воопшто не размислил на последиците. Неговиот чичко бил еден основачите на кланот а неговите другари биле војници на бандата Граси, така што Ицо не одбил да им се најде.
Со него контактирал Умберто Акурсо - шефот на Ванела Граси, денес во затвор поради стотици тешки дела.
Ицо го запознал Акурсо со одбранбениот фудбалер Фабио Пизакане а кога играчот одбил да биде дел од каква било комбинација за местење, тогаш Ицо ги договорил капитенот на Авелино Франческо Милези и играчот од среден ред Лука Пини. За предметот на разговор Армандо наводно не знаел ништо, туку тој бил само спона меѓу двете страни.
Сè поминало како што треба, но тоа е Неапол, а Авелино градче на 60 километри од Неапол е место во кое на улицата нема тајни. После неколку дена Ицо сфатил за местенките и му се јавил на Пизакане:
„Навивачите дознале сè, сакаат да те убијат“.
Човек кој израснал во Неапол и Авелино знае дека таквите закани никогаш не остануваат само на зборови. Во безизлезна ситуација, 22-годишниот Ицо му се јавил на својот менаџер Паоло Палермо. Армандо Ицо не знаел дека полицијата освен за наркобизнисот се интересирала и за фудбалски дела, па пресретнатиот разговор го користела како доказен материјал.
Менаџерот Паоло Палермо кренал голема врева и решил да направи трансфер на Ицо во клуб „илјадници“ километри подалеку од Неапол. И стоел на зборот - во летото 2014 Ицо премина во Џенова. Менаџерот јавно рекол дека неговиот клиент „има муда“ и потоа почнал да работи на случајот.
„Ќе се однесуваш достојно, со никој немој да разговараш, со тие стари твои другари веќе никакви средби ни контакти и се ќе биде во ред. Ќе ме закопаш во гроб еден ден, Армандо! Криво ми е што немаш претстава во каков пекол си западнал. Слушни ме. Ако сакаш да направиш кариера, не разговарај со такви луѓе, ни да помислиш на тоа инаку готово е со тебе. А ова е само почеток и тоа е проблемот. Мора да сфатиш дека не смееш да правиш компромиси“, му рекол менаџерот.
Ицо потпишал со Џенова, станал лидер на одбраната на прволигашот и на 24 години добил покана за репрезентацијата на Италија.
Но не можел да избега од своите гревови. Во мај 2016 година јавниот обвинител Маурицио де Марко го ставил фудбалерот Армандо Ицо на списокот фудбалери кои имале и имаат контакти со мафијата за договарање и местење фудбалски натпревари.
Во 2017-та година Фудбалската федерација на Италија го суспендирала Армандо Ицо на пола година: тој признал дека се познава со босовите на мафијата но негирал каква било вмешаност во местенки.
ИЦО СЕ ВРАТИ НА ТЕРЕН И СТАНА ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ СТОПЕРИ ВО СЕРИЈА А
По суспензијата, преговорите со Торино траеле само неколку минути. Најзаслужни за тоа бил Џузепе Санторо, вработен во Торино кој го открил Ицо во Скампија и Валтер Мацари кој го внесе во првиот тим на Наполи.
Од минатото лето до ден денес тој стана еден од најдобрите дефанзивци во цела лига, а не е класичен статичен италијански стопер. Армандо покрива голем дел од теренот и во просек трча по 10,6 км по натпревар со што е во Топ3 во Серија А на својата позиција.
На страна тоа, стоперот Ицо е и втор стрелец на Торино сезонава зад Андреа Белоти. Во март месец годинава дебитираше за Италија, а стана и најдобар стопер во Серија А според добиените дуели (114 - го дели првото место со Пецела).
Се испоставило дека менаџерот бил во прави: ќе те носам илјада километри подалеку од Неапол за да станеш подобар. Тој физички можеби е далеку од Скампија, но не побегнал од неа. Неговата населба секогаш ќе биде со него преку тетоважи и храброста со која го сопре и еден Кристијано Роналдо.