
Кога се спомнува прекарот Magpies (страчки), прва асоцијација е Њукасл, премиерлигашот кој од неодамна доби енормно богати сопственици, односно државниот фонд на Кралството Саудиска Арабија.
Но има и едно клубче, тотално непознато кое се најде на насловни страни на повеќе медиуми. Се вика Bruno's Magpies (страчките на Бруно) и е од Гибралтар, основан од група другари кои се собирале во бар ресторанот „Бруно“, локал кој се наоѓа близу стадионот Seaview Stadium (познат по необичната карпа) каде играше Македонија пред неколку недели.
На овој стадион игра репрезентацијата на Гибралтар и неколку други клубови од тамошното првенство.
Во таа лига игра и клубот Bruno’s Magpies кој после 9 години откако е основан, за првпат обезбеди пласман во квалификации на еврокуп. Во последната сезона завршиле шести на табела но со тоа што стигнале до финале на Куп на Гибралтар, осигурале Европа, во Конференциска Лига.
На ждрепката во УЕФА им се падна Крусејдрс, делумно посериозен клуб од Северна Ирска. Интересно, победникот од овој двомеч ќе игра против швајцарски Базел.
„Екстремно сум горд на нашиот клуб, ова е уникатно задоволство по сите овие години. Имаме голема шанса да дознаат за нас во Европа и да го направиме уште поголем нашиот проект. На крајот се исплатеше напорната работа“, вели претседателот на клубот Јансен Дали од Гибралтар.