Давид де Хеа - Спајдермен меѓу голманите

Од голманот на шпанската репрезентација Давид Де Хеа сме виделе сјајни одбрани, ама тоа што го правеше синоќа против Тотенхем на „Вембли“ беше неверојатно. Рака му пружија и противниците кои немаа чаре како да го совладаат.

Манчестер Јунајтед го победи Тотенхем со гол на Маркус Рашфорд во 44’ минута и тоа е шести триумф ПО РЕД на екипата на новиот тренер Солскјер.

Манчестер славеше најмногу благодарение на Давид Де Хеа кој направи апсолутно неверојатни 11 одбрани.

Шпанецот е единствениот голман сезонава во Премиер лига кој не примил гол на меч во кој му упатиле повеќе од 10 удари кон голот. Во минатата сезона на Премиер лига такво нешто му успеа само на еден голман - погодувате кој? Давид Де Хеа.

11 чисти директни одбрани е најдобриот резултат во Премиер лигата во сезоната 2018/2019. Минатата година најголем број одбрани на еден меч Де Хеа имаше против Арсенал - дури 14. Тоа бил единствен меч во кариерата на Де Хеа на кој имал повеќе одбрани отколку синоќа против Тотнем на „Вембли“.

Сезонава, до мечот против Спарс, бројот 1 на шпанската репрезентација имал најмногу 7 одбрани - и тоа против Вулверхемптон дома и Ливерпул на гости.

11 одбрани на еден меч е најдобриот учинок на Де Хеа во кариерата ако се сметаат натпреварите на кои не примил гол.

За тоа колку сезонава беше слаб Јунајтед покажува и фактот дека Де Хеа првпат после долго време врзал два меча без примен гол во Премиер.

Последен пат тоа беше во периодот до јануари 2017. Тогаш Манчестер не примил на четири средби по ред во Премиер.

***

После натпреварот, Давид го испофалија сите, па дури и претставниците на Тотенхем. Неговиот тренер Солскјер рече: „Фантастичен беше. Секако, кога ќе имаш 11 одбрани тоа е топ перформанс. Но реално, неверојатни беа две одбрани, а се друго беше голманското ниво на Давид.“

Маурицио Почетино рекол: „Горд сум. Тука сум 4,5 години и никогаш не сум видел моите играчи да играат подобро отколку во второто полувреме денес. Не можам да поверувам дека Де Хеа имаш 11 одбрани. Некогаш заслужуваш да победиш а не победуваш, а некогаш не заслужуваш а победуваш. Затоа и толку го сакаме фудбалот. Некогаш и ќе победиш а си разочаран. Така беше во првото коло кога славевме 3:0. Дента тие беа подобри од нас, а денес резултатот мораше да биде подруг. Денес Де Хеа играше неверојатно. Заслужено стана играч на мечот.“

Бен Дејвис, бекот на Тотенхем: „Де Хеа направи три-четири величествени одбрани, другпат такви удари влегуваа во гол. Нашите напаѓачи обично ги даваат тие шанси, но денес немаа ден.“

Гари Линекер, легендата на Лестер кој играше и за Тотенхем и за Барселона во студио рекол: „Важна победа за Манчестер Јунајтед. Промените во игра после отказот на Мурињо говорот многу. Мислам дека Тотенхем во второ играше страшно добро и можеше да победи ако на голот на противникот не беше Спајдермен.“

Самиот Шпанец после натпреварот изјавил:

„Победивме против топ клуб, го контролиравме првото полувреме, но во второто тие имаа моменти. Не ни ги паметам моите одбрани, не можам да одберам која е најдобра. Солскјер донесе радост, играчите играат добро, екипата е силна. Сите одбрани беа важни, а најважно е што победивме. Задоволен сум од мојот настап.“