Дали ви е јасно кој е човекот кој го однесе ПСЖ во полуфинале?

Се вика Ерик Максим Чупо Мотинг и покрај таа страшна навала составена од Нејмар, Мбапе и Икарди, не е ништо страшно ако не го знаете. Тој е напаѓач со скромно портфолио кој лани ја направи најнесфатливата утка во 150 години фудбал, а синоќа беше херој.

Чупо Мотинг во април минатата сезона го носеше епитетот идиот и немаше твитерџија на светов што не го дриблаше за потегот на првенствениот меч против Стразбур.

Камерунскиот репрезентативец го направи невозможното и буквално ја извади топката на гол линија, а требаше само да ја остави да продолжи во гол.

Не се памети до сега ваква епска утка и треба да се среќен што уште го носи дресот на ПСЖ. Да се потсетиме.

Значи не Икарди, Нејмар или Мбапе, туку јунак на мечот против Аталанта излезе Чупо која ја расплака со гол и целосен пресврт во 93-та минута.

Замислете, фудбалерот кој во сезоната 2017/2018 играше за Стоук и испадна од Премиер лига, сега даде херојски гол со кој му го урна проклетството на својот тим.

ПСЖ чекаше пласман во полуфинале на ЛШ од 1994/1995, а последните три сезони по ред се соочува со елиминација во четвртфинале.

Инаку за Чупо Мотинг ова е прв гол во ЛШ по пауза од шест години кога стрелаше во дресот на Шалке. Сите се чудеа кога пред две сезони потпиша за ПСЖ како слободен играч од второлигашот Стоук.

Минатата сезона го исмејуваа за глупоста на векот против Стразбур, а сега е херој, исто како и Томас Тухел кој веруваше во него. Германскиот стратег го познава уште од Мајнц каде му беше тренер, а синоќа го пушти како џокер во 79-та.

Всушност ПСЖ во полуфинале го носи играч кој до вчера беше анонимус и кој за 14 години кариера има постигнато само 70 гола на 366 средби.

Камерунскиот напаѓач никогаш претходно не блеснал како сега, а рекорд во една сезона му се 10 гола. Кариерата ја почна во аматерскиот тим на Хамбург, а пред да заигра за Стоук, па ПСЖ, беше дел од Бундеслигата 11 сезони како член на Хамбург, Мајнц и Шалке.

Голот за полуфинале 

13 август 2020 - 10:10