Кога на крајот од ’60-те години аргентинскиот клуб Расинг за пар години од освојувач на Интерконтиненталниот Куп спаднал на просечен второлигаш, во градот Авеланеда сметале дека клубот е проколнат.
За тоа го кривеле вечниот „душман“ Индепендиенте чии навивачи наводно закопале седум црни мачки на стадионот „Ел Силиндро“. Легендата толку брзо се проширила низ градот што во неа поверувале и самите луѓе од Расинг.
Триесет години клубот „барал чаре“. Чистел аура и гонел зли духови, го прекопувал теренот со булдожер. Во ’90-те години под една трибина случајно нашле некои коски, но во 2001 година освоиле титула после долги години. Трофејот го кренале благодарение на младиот Диего Милито во нападот.
****
Диего бил права ретка појава - во бурниот град бил тивок, малку зборувал, а во слободно време играл со децата и им помагал на жените.
Поголем дел од неговата европска кариера мина не баш приметно: тој беше најдобар стрелец во клубови како Расинг, Сарагоса и Џенова.
На врвот се качи заслужено во 2010 година кога стана симбол на Интер: заедно со Пандев во тимот, постигнуваше голови на секој меч во Лига на шампиони а во финалето два пати го матираше Баерн Минхен.
Во 2014-та се врати во Расинг кој одново влезе во сушна серија без трофеи. Во моментов Диего е технички секретар во клубот (нешто како спортски директор во Расинг) кој е лидер во Аргентина. Тој направил фудбалска револуција како никој претходно во земјата.
ГИ СМЕНИЛ МЕТОДИТЕ НА РАБОТА, СМИСЛИЛ СТРАТЕГИЈА И ДОНЕЛ АКЦИОНЕРИ
Легендарниот Милито ја заврши кариерата во 2016 и набрзо решил да ја одбие понудата да стане спортски директор во Расинг и со тоа да биде само декор на претседателот на клубот. Не сакал да биде оружје во нечија политичка кампања.
Il Principe (Принцот) како што го завикале во Аргентина поради сличности со легендарниот Енцо Франческоли на позицијата технички директор дошол дури во декември 2017. Претходната година ја поминал во хуманитарна работа со фондови за детски спорт.
„Јас не сум комформист, мојот начин на живот е да барам повеќе за себе и за другите“, рекол Милито на почеток на работата во својот матичен клуб.
Неколку лидери на сосиосоите (навивачи-членови на клубот) на изборите за претседател го поддржале Виктор Бланко и станале многу влијателни после неговата победа. Навивачите и новинарите биле свесни дека на Диего му треба поширока власт во клубот.
А Милито направил чудо кога ги обеденил сите: и навивачи, и раководители, играчи и тренери.
Најпрвин ги поставил своите услови на шефовите: максимално широки овластувања по примерот на европските генерални директори во клубовите, самостоен избор на нов тренер, задолжително млад и немешање на лидерите на сосиосите во неговите одлуки.
****
Помалиот од браќата Милито (Габи играше стопер и за Барселона едно време) направил нешто што во Аргентина не го сториле ниту топ-клубовите: стратегија.
Ги разделил плановите на тековни, среднорочни и долгорочни и смислил развој на клубот за 10 години однапред. Тој има и 20-годишен план, но засега тоа било само мечта.
„Главна цел е да се професионализира се во клубот. Јас ќе го направам тоа со големи маки но сакам во аргентинскиот фудбал да вметнам нов систем. Се работи за работни методи кои служат да ги исправат грешките и да ги зголемат шансите за успех“.Како и другите латино-американски клубови така и Расинг преживува од трансфери, од продажба на сезонски карти и бројот на сосиоси (членови). Новиот директор Диего Милито смислил промоција на нови играчи во стилот на Интер: Смислил рекламна кампања „Јас сум Милито, јас сум сосиос“ и за една година привлекол 13.000 акционери!
„Како и Гвардиола и јас верувам во идеи: копирам успешни модели, читам, патувам, се среќавам со други спортски директори. Во Европа научив неколку методи - ме инспирираше работата на Мончи во Севиља. Расинг живее од продажба. Ние мора да продаваме за да направиме буџет и да реализираме се што сме замислиле“, раскажува Милито.
СОЗДАЛ СКАУТСКА СЛУЖБА
Веднаш по назначувањето, Милито активно почнал да работи на трансфери. Неговите претходници за „ич пари“ ги продавале лидерите Оскар Ромер, Маркос Акуња, Лусиано Лоло и Густаво Боја. Новиот тренер Едуардо Куде побарал засилувања за неколку места: двајца стопери и еден играч од среден ред.
Милито за неколку милиони го донел Леонардо Сигали кој ја забетонирал одбраната и поранешниот бек на Селта и репрезентативец на Чиле Марсело Диаз. Лично се договорил со ѕвездата на Бока Јуниорс Рикардо Сентурион.
Од академијата во прв тим го прекомандувал талентираниот Федерико Сарачо кој веќе игра стандардно и за пар години ќе оди во голем европски клуб.
За да го пополни буџетот за големи пари го продаде Лаутаро Мартинез во Интер а во Удинезе отиде Хуан Мусо. За двајцата Расинг добил 27 милиони евра.
„Создадовме скатинг служба за да го покриваме целиот јужно-американски пазар во сите лиги. Имаме и илјада соработници кои прават разлика меѓу успешен и неуспешен трансфер. Ги анализираме сите потенцијални засилувања: позиција, квалитет, однос, форма, историја на повреди итн. Во јануари 2018 имавме база на податоци за 157 фудбалери. Летото ја проширивме до 437. Посетивме 347 меча на сениорски екипи и многу младински турнири“, додава револуционерот Милито.
Расинг има вкупно четири главни скаути, но за Аргентина и тоа е револуција: во повеќето клубови со трансфери се занимаваат тренери и претседатели. Диего Милито нема многу соработници: малку кој таму разбира зошто се потребни скаутите ориентирани на продажба.
„Најважно е да сакаш“, вели Милито.
Во подземјето на стадионот отворена е канцеларија за скаутите. Таму има и аналитичари кои ги гледаат дури и најниските лиги на Венецуела и Боливија, читаат статии од новинари и социјални мрежи за потенцијални засилувања.
Шеф на службата е Хавиер Вајнер кој претходно соработувал со Баер и Удинезе. Милито ја контролира продажбата на таленти а скаутите имаат одлични услови како да работат за европски клуб.
„На еден меч видов двајца високи русокоси дечки. Тие беа претставници на Копенхаген. Никој не им помогнал со карти па тие го гледаа играчот за кој беа дојдени од вратите од трибините. Сега работиме поинаку“, вели Вајнер.
Што се однесува до трансферот на Лаутаро Мартинез во Интер, тренерот Едуардо Куке се противел на оваа продажба, но Милито не можел ништо да спречи затоа што негов менаџер е Кристиан Брагарник, највлијателниот менаџер во Јужна Америка со репутација која ги обединува Мино Рајола, Дон Кинг и самиот ѓавол.
Но сега е сменето. Расинг веќе не купува никого без одлука на Милито.
РАЗВИЛ МЛАДИНСКА ШКОЛА И АКАДЕМИЈА
Расинг не случајно има прекар „Ла Академија“ - екипата секогаш се потпирала на деца од својата школа. Клубот сега ја обновил академијата и таму доаѓаат не само деца од Аргентина, туку и бисери од Перу, Колумбија и Венецуела кои биле „снимени“ од скаутите.
Оваа револуција им дошла како изненадување на Аргентинците кои не водат сметка многу за организација на клубовите и живеат само од продажба на таленти. За тоа каков е Диего Милито еднаш објасни Самуел Ето: „Диего? Па како играч го оценувам со 10, а како човек 15“.