Четвртолигашки фудбалски проблеми во Куманово

Во сандачето на Офсајд, понеделнички стигна изненадувачки мејл со соопштение од ФК Македонија Агино. Четвртолигаш кој постои 64 години и кој не може да најде заеднички јазик со фудбалските власти во Куманово. Се жалат на опструкции и нетранспарентност, како и за тоа дека избегнуваат состанок со клубовите за заеднички да се договорат за минимум услови што треба да задоволи еден терен.

Соопштението на клубот ви го пренесуваме во целост:

„Минатогодишниот победник во групата Југ од ОФЛ Куманово, екипата на ФК Македонија Агино од Агино село формирана 1959 година, оваа сезона е во немилост на група луѓе преку комисиите во ОФС Куманово.

Забележано е масовно излагање од нивни ингеренции, носат селективни одлуки, одбегнуваат состанок за состојбата на терените на екипите во ОФЛ бидејќи не им одговара заеднички став и одлука на сите екипи. 

Не се транспарентни во нивната работа, таму се за личен интерес каде преку овие комисии лобираат за нивно делегирање како делегати во повисоките лиги од ФФМ. 

По ангажманот на секретарот на ОФС Драган Стојановски во Скопје сега состојбата е уште полоша бидејќи тој еднинствено некако се справуваше колку толку со ситуацијата.

Најверојатно на поединци им растат апетитите за поголема превласт. Со ова сакаме да го свртиме вниманието на пошироката фудбалска јавност и за други нерегуларности во ОФС Куманово.

Комисијата за состојба на фудбалските терени не се состана со клубовите за заеднички да се договорат за минимум услови што треба да задоволи еден терен за ОФЛ.

ФК Македонија Агино гради модерна соблекувална и имаат еден од подобрите терени во ОФЛ и додека се гради соблекувалната користиме помошен објект кој по квалитет е како и другите екипи“.

 

18 септември 2023 - 16:19