Две години условна затворска казна за Енис Барди во Валенсија

Лидерот на македонската фудбалска репрезентација прво е осуден на четири месечна затворска казна, но потоа делото е преиначено во условна казна поради прикажување лажна возачка дозвола пред полициски службеници при рутинска контрола.

Енис Барди (26) во април минатата година бил сопрен додека управувал со своето возило Порше Панамера во северниот реон на Валенсија Ронда Норте, во близина на Леванте каде игра. Му побарале документација за возилото и возачка дозвола.

Еден од полициските службеници посомневал во валидноста на дозволата која била испечатена како пластифицирана картичка. Полицијата набрзо открила дека недостигаат и други безбедносни ознаки во возилото. Откако со ултравиолетово светло го прегледале документот, го пријавиле случајот кај надлежните органи.

Возилото му било одземено па Барди морал да повика соиграч да дојде да го земе со друг автомобил. Според полицискиот извештај, фалсификатот бил очигледен и груб, и со голо око било видливо дека во прашање е копија.

Македонскиот репрезентативец во своја одбрана кажал дека возачката дозвола му била валидна во Македонија, но подоцна го сменил својот исказ.

„Возачката дозвола која што им ја предадов на полициските агенти, минатиот понеделник на 5. арпил, е заверена од страна на надлежните институции во мојата земја“, напишал тогаш Барди на своите профили на социјалните мрежи.

Барди на суд го признал делото и се покајал поради што судијата ја преиначил одлуката за затворска казна и истата ја заменил со условна во траење од две години. Затворската казна би се активирала доколку Енис во следните 730 дена направи каков било друг прекршок. Барди треба да плати и парична казна од 1.920 евра.

Тој е обвинет за деликт против општата безбедност на патиштата и плус уште едно обвинение за поседување лажни документи. 

Скопјанецот веќе петта година е во шпански Леванте. Сезонава на 16 настапи постигна 3 гола и има 2 асистенции. Доби и три жолти картони. Во изминатите два преодни рока Барди беше предмет на интерес на некои големи клубови (Арсенал, Милан), но до трансфер не дојде и тој остана во шпанска Ла Лига каде неговиот Леванте игра очајна сезона и е пред испаѓање во Сегунда.

8 февруари 2022 - 10:31