Чешки фудбалер пропушта Европско поради пад од велосипед

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 18:00 часот ќе игра против Чешка пријателски натпревар кој за Чесите ќе биде генерална проба пред големото Евро 2024 кое се игра од 14-ти јуни до 14-ти јули во Германија. Но Чесите ќе играат без одличниот Михал Садилек.

Познати се неколку чудни отсуства од Европски и Светски првенства на фудбалери поради необични околности. Така на пример еднаш легендарниот шпански голман Сантијаго Кањизарез пропушти голем турнир со репрезентацијата поради тоа што при излегување од туширање згазнал на скршено шишенце колонска вода. И го пропушти цел турнир.

Сега бизарна причина поради која нема да игра на големо Европско првенство го снашла еден Чех. 25-годишниот Михал Садилек на само неколку дена пред почетокот на Евро 2024 силно паднал од велосипед и незгодно го повредил коленото. Поради големи болки и интервентен зафат, тој ќе мора да паузира извесно време.

За малерот да биде поголем, 25-годишниот Седилек кој игра во средниот ред на репрезентацијата и на холандски Твенте, пред само три дена ја водел Чешка како капитен на мечот против Малта во рамки на подготовките за Европско првенство.

Седилек бил планиран како првотимец од селекторот Иван Хашек. Тој му помогна на Твенте во сезоната 2023/2024 да влезе во Лига на шампиони, а за репрезентацијата на Чешка игра од 2021-ва година.

На 9-ти јуни Садилек паднал од велосипед и незгодно се повредил.

„Тоа е многу големо разочарување за сите нас зошто Михал е искусен играч. Тој ја носеше капитенската лента на мечот со Малта. Од името на екипата му посакувам скоро враќање на терените. Во најскоро време ќе решиме дали ќе викнеме некој друг“, рекол селекторот Иван Хашек.

ЧУДНИ ЕПИЗОДИ

Слични малери во минатото имаа и други фудбалери. На пример поранешниот играч на Сент Етјен Ромен Амума еднаш се повредил додека бил на куглање. Тој со уште некои соиграчи од екипата се собрале да прослават роденден на соиграчот Вахби Хазри и за време на фрлањето кугли, Амума тешко се повредил поради што пропуштил седум натпревари таа сезона.

Некогашниот шпиц на Астон Вила Дариус Васел во 2002-ра година ја шокирал англиската јавност откако пробал со мала бормашина да реши проблем со плускавец на палец на десната нога. Од таквата идиотшина и будалаштина си направил голема беља, му се јавило тровање во крвта а подоцна морале да му ампутираат дел од прстот. По негова среќа тоа не влијаеше на неговата кариера, па Васел играше уште 10 години фудбал.

10 јуни 2024 - 11:27