Цела Романија чека деби на 15-годишно дете, година дена бил во Ла Масија

Селекторот на репрезентацијата на Романија која е во група со Македонија во квалификации за Светско првенство 2022, Мирел Радои неочекувано за дуелите со Исланд и Лихтенштајн повикал 15-годишно дете и ја зачуди романската но и пошироката јавност.

Се работи за Енес Сали, 15 годишен плејмејкер на романскиот клуб Фарул. Енес дебитирал во најдобрата романска лига сезонава и веќе има 7 настапи (233 минути), а успеал дури и да постигне гол и да стане апсолутно најмладиот стрелец на гол во романското првенство.

И тоа каков гол!

Енес Сали има крајно интересна биографија. Роден е во Канада, а неговите родители се Турци родени и израснати во Романија. Енес денес можел комотно да бира за која од овие три земји (Турција, Канада, Романија) ќе игра, но на крај прифатил таму каде што смета дека припаѓа и каде што е пораснат - во Романија. Притоа треба да се напомене дека Турците ги направиле сите напори да го доведат да игра за нив.

Сали почнал да игра фудбал во Канада, во клубот Вудбриџ Страјкерс. Во 2017-та година го забележале вештите ловци на таленти од Барселона па по неколку извештаи на скаутите, тој дошол во школата на Барса Ла Масија каде останал 1 година. Не можел повеќе поради ограничувањата на ФИФА за регистрација на странски фудбалери помлади од 18 години. Можно е да се врати во Каталонија кога ќе наполни уште некоја година.

Во 2019 Енес се вратил во Романија каде дошол во фудбалската академија на великанот Георге Хаџи кој работи во клубот Фарул. Преговорите со татко му ги водел лично Хачи - легендарниот и најдобар романски фудбалер на сите времиа кој бил воодушевен од талентот на Сали (синот на Хаџи, Јанис денес е лидер на романската репрезентација и игра за Ренџерс).

Спортскиот директор на романската репрезентација Лучан Синмертјан исто бил шокиран од талентот на малиот Енес:

„Од прво гледање бев воодушевен од квалитетот на тоа дете. На таква возраст многу ретко да сретнеш играч со така високо ниво на контрола на топка. Тоа го можат само големите играчи. Тој има голема иднина. Ако тренерите и блиските со него работат на неговиот развој, ќе добиеме фантастичен фудбалер“.

Доколку Енес Сали влезе на терен на еден од ноемвриските натпревари на Романија која сака да го осигура 2. место и бараж за Светско, 15-годишниот талент ќе стане најмладиот играч во историјата на репрезентативниот фудбал.

Рекордот уште го држи Мартин Едегор кој дебитираше за Норвешка во 2014 година на само 15 години и 250 дена. 

9 ноември 2021 - 09:06