Бугарската фудбалска репрезентација имала тешка сообраќајка со автобус

Фудбалерите на Бугарија преживуваат тешки времиња. По катастрофалните партии последниве години поради кои се на удар на цела бугарска јавност, сега доживеале и тешка сообраќајка со автобус во Грзуија.

Бугарија по ремито со Македонија (1:1), доживеа дебакл од Грузија на домашен терен (2:5) а капак на сè им беше срамниот нерешен резултат кај фудбалскиот анонимус Гибралтар.

Бугарите од Гибралтар тргнале кон Грузија каде во недела ги очекува нов меч, но по слетувањето на аеродромот, со автобусот кој ги превезувал до хотелот „Лионс“ каде треба да отседнат, имале тешка сообраќајна незгода.

Најтешко поминал најдобриот бугарски фудбалер во репрезентацијата, Тодор Тошко Неделев кој завршил во болница со сериозни посекотини од напукнатите стакла кои летале на сите страни. Неделев бил во свесна состојба и контактибилен.

Сите други фудбалери и стручниот штаб по сударот на автобусот биле префрлени на контрола во локалната болница во Тбилиси и сите се неповредени. До незгодата дошло поради неприлагодена брзина, возачот возел пребрзо по влажен коловоз и излизгал од патот.

Делегацијата патувала во два помали автобуси како што налага правилникот на УЕФА, а возачот на едниот од автобусите возел пребрзо и изгубил контрола кога пред него наеднаш сопрел некој автомобил. Тогаш автобусот се забил во возилото пред него, се извртел и удрил и од едната страна каде седел Тодор Неделев, а набрзо во метежот се забил и вториот автобус. И двата автобуси биле тешко оштетени.

Неделев е клупска легенда на Ботев Пловдив. За Бугарија досега има 44 меча и 5 гола.

11 јуни 2022 - 11:00