34-годишниот Даниеле де Роси, симбол на Рома и Capitano Futuro има неверојатен статус иако во клупската кариера освои само два Купа на Италија (последниот пред 10 години), еден Суперкуп на Италија и ниту еднаш скудетото во првенството (дебитираше во Серија шест месеци по славјето на титулата во 2001-ва).
Заедно со репрезентацијата на Италија Даниеле се качи на кровот на светот и го освои Мундијалот. Последниот пат не успеа во намерата да се пласира на Светско и потоа се фокусираше на својата Рома. По автоголот на првиот меч против Барселона и дебаклот 4-1, синоќа Де Роси ја извади екипата на реваншот и го направи следното:
- Во 6’ минута од средината на теренот упати сјајна асистенција во шеснаесетникот на Барселона каде Џеко одлично ја штопна топката и на Рома и донесе 1-0 (2-4).
- Во 58’ минута Даниеле постигна гол од пенал после фаулот на Пике врз Џеко - 2:0 (3:4). Таков учинок со гол и асистенција против Барселона во Лигата на шампионите некој фудбалер немал цели пет години (последен пат Томас Милер во 2013-та кога имаше 2+1).
- Во 68’ минута Де Роси му украде една топка на Алба и шутираше за уште еден гол но топката отиде над голот.
Севкупно на сензационалниот меч синоќа Де Роси имал 67 контакти со топката, 78% точни додавања, 1 гол, 1 асистенција и уште еден гол момент.
Даниеле и Гркот Манолас си дадоа автоголови на првиот меч на „Камп Ноу“ а во Рим ги постигнаа решавачките голови - овојпат во мрежата на Барселона.
Едни од првите коишто и честитаа на Рома беше твитерот на Јувентус - „Честитки на АС Рома за големата победа вечерва и пласманот во полуфинале“
Complimenti alla @OfficialASRoma per la grande vittoria di questa sera e il passaggio alle semifinali di #UCL
— JuventusFC (@juventusfc) April 10, 2018
„Ова е сигурно еден од моите најголеми денови во Рома. Се наежив кога ги видов нашите навивачи пред мечот. Им кажав на соиграчите дека ако тифозите веруваат, не смееме да ги изневерме. Најлошто што можеше да биде е да испаднеме. А најдобро...
Знам што зборуваа луѓето после мојот автогол. Но јас не можам да играм поинаку. Ќе ризикувам секогаш па некогаш се случува да си дадам и автогол. Должен бев да се борам и да дадам се од себе за своите соиграчи“.
Во однос на занимливостите од мечот:
- Барселона испадна во четвртфинале од Лига на шампиони трет пат по ред. Последен пат кога помина понатаму беше 2015-та кога го освоија елитното натпреварување;
- Барса првпат во историјата испаѓа од Лига на шампиони откако првиот меч го добила со три гола предност;
- Рома е само третата екипа која што поминала понатаму во Лига на шампиони после пораз од 3 гола разлика на првиот меч. Депортиво го направи тоа чудо против Милан кога славеше 4-0 по поразот од 4-1 во Милано а во 2017-та Барселона со 6-1 го елиминираше ПСЖ после дебаклот од 4-0 во Париз;
- „Римската волчица“ влезе во полуфинале на ЛШ после цели 34 години. Во сезоната 1983/1984 Римјаните стигнаа до финалето но таму изгубија од Ливерпул на пенали (2:4). А во полуфиналето таа сезона го поминале шкотски Данди Јунајтед;