Бројките кои го објаснуваат приматот на Интер

Откако Наполи загуби од Јуве, Интер остана единствената екипа без пораз во Серија А. Икарди руши рекорди и влезе во друштво на легендарниот Меаца. Тимот на Спалети е неприкосновен, а вистинскиот тест за тоа дали е зрел за Скудето ќе треба да го положи со Јуве следниот викенд.

Со 12 победи и 3 нерешени на 15 средби, Интер е лидер во Серија А по пауза од скоро две години. Последен пат беше прв во јануари 2016-та. Борбата за титула се очекува да биде пеколна. Наполи има еден бод помалку, Јуве два. Фактите говорат дека Интер е многу јак сезонава, но и многу зависи од еден играч.
 
- 94 гола: Икарди влезе во листата на топ 10 најдобри стрелци во историјата на Интер.
 
- 10 примени гола: По 15 кола ја имаат најдобрата одбрана во првенството заедно со Наполи и Рома.
 
- 39 удари кон гол: Тоа е рекорд сезонава во Серија А. (16 во едно полувреме - уште еден рекорд).

- 16 гола: Икарди е втор најдобар стрелец во топ 5 лигите во Европа. Пред него е само Кавани со 17, а по него се Имобиле (15), Левандовски и Фалкао (14)...
 
- 3 гола: Прв хет-трик во кариерата на Иван Перишиќ (против Киево овој викенд).
 
- 16 гола на 15 меча: Икарди го стигна Лука Тони (сезоната 2005/2006 со Фиорентина)
 
- Аргентинскиот напаѓач е трет играч во историјата на Интер со минимум 15 гола во 4 првенства. Пред него тоа му успеало само на Џузепе Меаца 1930-1936) и Стефано Нејерс (1949-1953).

- 39 бода по 15 кола: Рекорд на Интер по оној во сезоната 2006/2007 со Роберто Манчини кога го освоија Скудетото. Во Италија само Јуве стартувал подобро, а тоа е во 2013/2014, кога на 15 меча освоија 40 бода.
 
- 5 пати по два гола и еден хет-трик: Икарди сезонава во Европа е рекордер кој најмногу пати успеал да постигне повеќе од еден гол на натпревар.
 
- 23 гола: Дуото Икарди - Перишиќ е второ најдобро во најсилните 5 европски лиги, после Кавани и Нејмар кои заедно имаат постигнато 26 гола за ПСЖ.
4 декември 2017 - 15:37