Бразилскиот фудбалер од Астон Вила кој добил дете на 14 години, а на 16 имал две

Додека сите познати спортисти на поодминати години им раскажуваат на своите внуци колку биле славни на времето, на бразилскиот центарфор кој игра во Астон Вила нема да му треба многу време. Децата ќе го памтат како „талентираниот шпиц“.

Сезонава премиерлигашите потрошија еден куп пари на засилувања. Стандардно, трошеа гигантите (Сити, Јунајтед, Арсенал), но и еден клуб кој необично застана раме до раме со Барселона и Реал по потрошувачка.

Се работи за Астон Вила, клубот кој се врати во Премиер лига после неколку години и кој купи повеќе од 14 нови играчи. Меѓу нив најзвучно засилување беше Весли Мораеш, талентиран напаѓач од Бразил, кој летово дојде од Клуб Бриж во Вила за рекордни 22 милиони фунти.

На стартот на сезоната Весли бавно се привикнуваше на новиот начин на живот и нов стил на игра. Но со текот на времето стана се подобар и веќе постигна 4 гола на 8 натпревари за Астон Вила.

Тоа е далеку од настапите во Белгија каде за Клуб Бриж постигна 17 гола и ги алармираше скаутите на големите клубови.

НЕОБИЧНА БИОГРАФИЈА И ИНТЕРЕСЕН ФУДБАЛСКИ ПАТ

Весли Мораеш е роден во Жуиз де Фора, место близу Рио де Жанеиро во ноември 1996 година. Има 23 години.

Љубовта кон фудбалот му ја пресадил татко му којшто и самиот играл фудбал но без сериозни настапи во професионалните лиги. За жал, кога Весли имал 9 години, на татко му му бил дијагностициран тумор на мозокот, станал неподвижен и набрзо починал.

Весли, иако роден со едната нога пократка 3 сантиметри, неверојатно многу сакал да игра фудбал (еден од најдобрите бразилски играчи на сите времиња Гаринча исто имал една нога пократка од другата).

Малиот Весли како помал тренирал фудбал во клубот Итабуна, но и работел со цел да заработи некоја пара за своето семејство. Одел на работа во фабрика за штрафови и трчал по топката, а имал многу бурен карактер.

На 14 години неговата девојка забременила од него, а веќе на 16 години Весли Мораеш по втор пат станал татко, но овојпат со друга девојка, Марија Едуардо со која тргнал на пат кон Европа да прави кариера.

После некое време, дошол на проба во Атлетико Мадрид, а потоа го гледале и во француските Нанси и Евијан, но за жал никој не му понудил професионален договор.

„Кога дојдов во Атлетико имав 17 години и 6 месеци. Бев малку исплашен со тие големи ѕверки таму - Диего Коста, Миранда и Раул Гарсија, но беше прекрасно“, вели Весли за Скај Спортс.

Кога не успеал таму, добил понуда од словачкиот клуб Тренчин.

„Немаше веќе време и морав да направам нешто. Или да станам професионален фудбалер или да работам нешто за да ги издржувам децата. Бев во дури шест клуба каде ми рекоа не, пред да стигнам во Словачка. Кога ме одбија во шестиот клуб веќе не сакав да играм фудбал. Мислев дека е готово. И тогаш добив шанса.“

На 19 години му се јавиле од Тренчин, клубот од малиот град во Словачка, многу поинаква средина од онаа на која навикнал Мораеш.

„Првите неколку недели ми беше тешко. Многу беше студено. Првите три месеци мислев дека паѓа снег цело време. Дојдов од Бразил и не можев да ги чуствувам нозете од студ, па тешко беше да се игра фудбал.“

Но Тренчин му го трасирал патот до ѕвездите. Од фудбалер од среден ред, во Словачка го направиле центарфор и тоа се испоставило како одличен животен потег.

Следувал трансфер во познатиот Клуб Бриж, а во Белгија се адаптирал брзо. За две сезони постигнал 19 гола и тоа ја убедило управата на Астон Вила за него да плати 22 милиони фунти, рекорден трансфер.

„Многу сум среќен што играм во Премиер лигата, најсилната лига на светот. Секој ден мислам на минатото - на тоа што мислев кога разни клубови ми викаа не, така што многу сум среќен што сега ја имам оваа работа.

А како тргнала работата, наскоро би можел да заигра и заедно со син му.