Борусија Дортмунд на праг од титула, Баерн не знае кај тера

Германската Бундеслига сезонава е најинтересна во последните неколку години. Борусија Дортмунд имаше неколку зицери да му избега на Баерн Минхен на табелата но искористи само еден. Дали ќе биде доволен?

Борусија Дортмунд минатиот викенд имаше два гола предност и играч повеќе на гости кај Штутгарт, но на крај спасуваше жива глава откако домашните израмнија на 3:3 и имаа шанси за победа.

„Милионерите“ тогаш не го искористија подарокот од Баерн Минхен, но во новово коло добија нов подарок. Мајнц - Баерн 3-1.

Иако гостите од Минхен први поведоа и тоа преку жигосаниот Садио Мане кој направи голем скандал пред неколку дена откако го удри помладиот соиграч Лирој Сане.

Но дека нешто не штима во Баерн покажа и Мајнц кој направи комплетен пресврт и од 60-та минута до 91-ва постигна три гола за историски триумф.

ТУХЕЛ ЗА 7 МЕЧА ИМА ИСТО ПОРАЗИ КОЛКУ ЈУЛИЈАН НАГЕЛСМАН ЗА ЦЕЛА СЕЗОНА

И покрај отказот за Нагелсман, Баерн не игра како што треба ни со новиот тренер. Томас Тухел важи за врвен стручњак, со Јирген Клоп двајцата најдобри германски експерти веќе неколку години.

Но под негова палка, Баерн Минхен:

- Испадна од Лига на шампиони
- Испадна од Куп на Германија
- На 5 кола до крајот изгубија челна позиција во Бундеслига, Дортмунд им бега 1 бод
- Баерн нема победа 4 меча по ред (2 порази и 2 нерешени)
- Баерн слабо дава голови: само пет на шест меча што за нив е негативен рекорд. Единствен блесок имаа токму против главниот ривал за титулата кога на дебито на Тухел славеа 4:2 против Дортмунд
- Тухел има дури 3 порази на 7 меча колку што имаше Нагелсман на дури 37 натпревари
- Баерн Минхен од 2020-та немаше пораз на гости кај Мајнц, а ова им е трет пораз по ред. Тухел после мечот ја презеде цела одговрност на себе.

Навивачите на Баерн Минхен на дуелот со Сити во Лига на шампиони упатија жестоки критики кон Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ и од нив бараат оставки.

„Катастрофално второ полувреме! Како екипава сака пак да стане шампион на Германија? Со ваква аура многу тешко ќе станеме шампиони. Играчите се должни да работат за целите на клубот. Ова што екипата го прикажува не е доволно за титула“, рекол Оливер Кан после новиот блам на Баерн.

Претседателот на клубот, Херберт Хајнер изјавил: „Целосно се распаднавме после 1:1, екипата беше распадната. Баерн ја контролираше играта во првиот дел, а после заборави да даде и втор гол“.

БОРУСИЈА ГО РАЗНЕСЕ АЈНТРАХТ ФРАНКФУРТ И СЕ ИСКАЧИ НА ПРВО МЕСТО

о фијаското на Баерн, Дортмунд играше подоцна меч против бледиот Ајнтрахт Франкфурт. Предводени од нивниот човек кој неколку пати доаѓа како привремен тренер, Един Терзиќ, Борусија Дортмунд водеше 3:0 на полвуреме со головите на Џуд Белингем, Дониел Мален и Матс Хумелс.

Не дозволија срам како во минатото коло, па до крајот Мален постигна и втор гол за конечни 4:0. Борусија првпат во историјата победи на 9 меча по ред на домашен терен во рамки на иста сезона во Бундеслига.

Последен пат Дортмунд бил лидер во Бундес после 29 кола во сезоната 2011/2012, тогаш до титула ги водеше Јирген Клоп.

До крајот, и Баерн и Борусија Дортмунд имаат по три домашни и два гостински меча. Мајнц ќе игра со Борусија, а „милионерите“ ќе играат уште и со Волфсбург и Бохум кој се бори за опстанок.

Баерн од сериозните противници го има само РБ Лајпциг, а игра и со аутсајдерите Шалке и Херта.

БОРУСИЈА ДОРТМУНД:

Бохум (гости)
Волфсбург (дома)
Борусија Менхенглдабах (дома)
Аугзбург (гости)
Мајнц (дома)

БАЕРН МИНХЕН:

Херта (дома)
Вердер (гости)
Шалке (дома)
РБ Лајпциг (дома)
Келн (гости)

22 април 2023 - 23:07