Последната бомба беше втора од шесте такви напади на луѓе инволвирани во кипарскиот фудбал, а прва толку близу во домот на еден судија. Динамит поставен во цевка екслопдирал пред изгрејсонце. Без предупредување, без повик. Хараламбос Скапулис добро се сеќава на тој момент. Сакал да го избегне силното сонце и во 5:30 отишол на утрински тренинг на еден од терените во Никозија кога му јавиле за нападот.
„Кога се вратив, прозорите беа искршени и стакло имаше насекаде. Погледнав наоколу и помислив: ова не е нималку забавно. Сфатив дека ова е најопасното место на светот да се биде судија“, вели Скапулис.
Три месеци подоцна, друга експлозија одекнала пред една голема куќа во Лимасол. Силината на експлозијата била толку голема што 60-годишната Маро Муско се катапултирала од креветот на вториот спрат.
Бомбата не била спремна за неа, туку за нејзиниот отсутен син, Томас исто судија како и Хараламбос во првенството. Не поминале неколку недели, а колата на сопругата на еден друг судија, Леонтиос Тратос, најпознатиот кипарски судија била крената во воздух во една гаража во Никозија. Тоа бил втор напад врз него.
Поради овие опасни работи, судиите одлучиле да преземат нешто и една недела ги бојкотирале домашните натпревари. Никој не бил уапсен за овие бомбашки напади. Групата наречена „Наоружани Урбани Герилци“ ја презела одговорноста за нападите како „почеток на вооружена борба против коруптивниот кипарски фудбал“.
Дури и денес, 18 месеци подоцна, Скапулис кој важел за мускулест, физички силен и строг судија трепери кога зборува за нападите. Претседателот на Панкипарската фудбалска федерација, Спирос Неофитидис имал закани по живот поради тоа што дозволил повеќе странски играчи во лигата, за што ја известил полицијата.
Островската земја каде речиси секој се знае со секого и каде како и во секоја поранешна британска колонија, фудбалот се смета за национален спорт број еден. Насилството обично одеше во границите на хулиганските пресметки меѓу АПОЕЛ и Омонија (вечни ривали), најголемите Грчко-Кипарски клубови чиешто ривалство датира од граѓанската војна во Грција кон крајот на ’40-те години.
Кипарската судиска асоцијација е сместена надвор од Никозија, главниот град на Кипар кој е поделен. Неколку пати годишно нивното седиште го посетувале политичари, бизнисмени, сомнителни ликови и луѓе од црквените кругови.
Кога работите станале опасни по живот, меѓународниот судија Мариос Панаји решил најгласно да свирне во свирчето. Свикал прес-конференција и најотворено зборувал за сите сомнителни пенали, црвени картони, жолти картони кои не требале да се дадад, играчи кои никогаш не требало да бидат исклучени. Наведувал имиња, вадел документи и докази од прислушкувани разговори за корупција во Кипарската фудбалска лига.
„Го сторив тоа со надеж дека авторитетите нема да ги затвораат очите. Судиите може да се служат со секаков трик. Носат одлуки во зависност од мечот и дали е пренесуван во живо или не. Каде што нема камери, тие може да прават големи нешта“, рекол Мариос Панаји кој после ова бил избришан од судискиот регистар и бил присилен да се отсели во Британија.
Панаји веднаш добил поддршка за храброста, а неговите противници пласирале приказна дека тој имал скриени намери.
„Тоа што тој го стори беше многу храбро. Има корупција во секоја сфера од животот на Кипар, не е проблем само со спортот, туку во целото кипарско општество“, вели Никос Картакулис, главен човек во Кипарската Спортска организација.
Тој самиот на своја кожа го почуствувал лошто искуство.
„За многумина, фудбалот беше одговор на трауматското искуство од турската инвазија (1974 година). Како и многу бегалци кои завршија по камповите, и јас пораснав таму и играв. Уште се сеќавам на моментот кога дадов гол и бев среќен што победивме, а сите ми рекоа: Што се радуваш? Нема што да се слави, наместена беше. Тогаш бев толку разочаран и реков: Еден ден ќе го истражуваш ова“, раскажува Картакулис.
Храбриот Панаји, кој почнал да суди на 13 години, вели дека од 300 кипарски судии, не повеќе од 10% се „вистински чисти“. Тие кои ги следат наредбите за местење натпревари напредуваат и одат да судат европски мечеви каде заработките се три пати поголеми од тие на Кипар.