Ако за помладите ова е гатанка, исто ќе му дојде и за носталгичарите од 90-те. Кориере дело Спорт објави фотографија од 30-от роденден на бекот на Лацио, Адам Марушиќ. Црногорски репрезентативец роден во Белград.
Забавата југословенска со Милинковиќ, Башиќ, Каменовиќ, Душан Баста, Романецот Раду, ама и еден легендарен напаѓач на Лацио од пред 20 и кусур, па и 30 години.
На фотографијата е непрепознатлив. Како друг човек да е, скроз поразличен од времето кога трескаше голови во Серија А. Брадосан, со бркови и пуштена коса. Не можеш да го познаеш.
АЛЕН БОКШИЌ
Ален Бокшиќ е култна фаца од времето која мора да се знае, како што се знаат на пример Шукер и Бобан. Голем напаѓач, ѕвер, корпулентен и за жал малерозен, бидејќи поради повреди не успеа да биде константен во кариерата и да го извади целиот потенцијал.
На Мундијалот во Италија 1990 селекторот Ивица Осим го повика за Југославија, ама не му даде ни минута. Сметаше повеќе на поискусните Панчев и Вујовиќ. Ален имаше тогаш 20 години, Дарко 25, Златко 32.
Беше важна алка во составот на Хрватска под водство на Чиро Блажевиќ и заигра на ЕП 1996, но ниту следното Светско не му се посреќи, овој пат поради повреда.
И тоа го пропушти историското во Франција 98 кога Хрватите станаа трети во свет. Мундијалската магија ја почувствува дури на 32 години во Јапонија и Јужна Кореја 2002, каде настапи на сите три средби. Една година подоцна се пензионираше. 40 настапи - 10 голови за националниот тим.
Клупската кариера му беше далеку пославна со големи успеси во три големи екипи, сите со златна генерација која освојуваше трофеи.
Роналдо Бразилецот и Ибрахимовиќ немаат трофеј во Лига на шампиони, ама Ален Бокшиќ има. Го освои со Олимпик Марсеј во незаборавната 1992/1993 против Милан на Капело.
Французите имаа страшен состав со Бартез на голот, Десаи во одбрана, а во напад покрај Бокшиќ уште и Руди Фелер и Абеди Пеле од Гана. Капитен Дидие Дешамп.
Бокшиќ ја заврши сезоната како прв стрелец во првенство со 23 гола, како и прв во ЛШ заедно со Фелер, со кои постигнаа по 6 гола.
Влезе дури и во трка за Златната топка која заврши во рацете на Роберто Баџо. Втор беше Денис Бергкамп, трет Ерик Кантона, четврти Ален Бокшиќ. Каква конкуренција.
За неговиот потпис потоа се изборија Лацио, каде мина шест сезони (1993-1996, 1997-2000) и Јувентус (1996/1997). И со двете екипи го освои Скудетото, плус Интерконтинентален Куп со Јувентус, Куп на купови на победници со Лацио и два пати Куп на Италија.
Во Лацио играше под вовдство на Земан во напад со легендарните Сињори и Казираги, а кај Липи заедно со Дел Пјеро и Виери. Заигра уште едно финале во ЛШ и му асистираше на Дел Пјеро, но го загубија 3:1 од Борусија Дортмунд.
Бокшиќ е роден во Макарска 1970-та и како 17 годишниот дебитирал за Хајдук од каде во 1991-ва се сели во Франција. Во 2000-та прави трансфер од Лацио во Мидлсброу за 2,5 милиони фунти и таму ја завршува кариерата со 23 гола за три сезони.
Има три деца од првата жена и уште едно од втората. Ретко се појавува во јавност и затоа изненади со новиот имиџ. Како да го нема воопшто по медиуми, а е големо име. Плус не користи социјални мрежи. Тие што го најдовме се неофицијални.
Пред 10 дена шпанскиот портал vipdeportivo.es објавил статија со наслов: „Ален Бокшиќ, шпанскиот хрватски убиец од 90-те“.
На 12 октомври 2012 беше на Градски во улога на помошник на Игор Штимац на квалификациската за СП 2014, која Македонија ја загуби 1:2.
Погледнете ја оваа интелигенција на мечот Лацио - Сампдорија. Легендарен гол.
Со поранешните соиграчи од Лацио Негро, Фавали и Готарди.
Документарец за Ален Бокшиќ во кој зборува и Пандев