Бојан Миовски е хит во Шкотска, Абердин на праг од Лига Европа

Македонскиот репрезентативен центарфор продолжи да блеска во дресот на шкотски Абердин. На мечот од плејоф за пласман во силната Лига Европа, Миовски постигна гол и имаше асистенција за 2-2 со Хакен во Шведска.

Шкотски Абердин одамна не бил дел од некое европско натпреварување, а групната фаза за овој некогашен шампион на Шкотска под водство на Сер Алекс Фергусон, веќе 16 години е само сон.

Интересно Абердин најславните денови во историјата ги поминал токму под водство на Сер Алекс Фергусон кога го освоиле и Купот на Европски Куп победници во сезоната 1982/1983-та. Последен пат во групна фаза играле во 2007/2008 во Куп на УЕФА. Од тогаш завршувале во квалификациите.

Но по фантастичната сезона на Миовски лани кога се изнадава голови, беше меѓу најдобрите стрелци во шкотската Премиер лига придонесе Абердин да обезбеди место во квалификации за Лига Европа.

Синоќа на гости кај шведскиот Хакен, во првиот меч од плејофот за Лига Европа, Шкотите губеа со 2-0 до 15 минути пред крајот.

Тогаш Миовски кој играше од почеток реши да преземе одговорност и прво со прекрасен гол намали на 2-1, за да во самиот финиш асистира за реми 2-2, резултат кој е идеален за Абердин пред реваншот со цел пласман во групна фаза од Лига Европа.

За Бојан Миовски ова е дури четврти гол и втора асистенција сезонава во сите натпреварувања. Шкотските медиуми пишуваат дека е прашање на време кога за него ќе стигне понуда од тамошните гиганти Селтик и Ренџерс.

25 август 2023 - 07:54