Бидна и таа фамозна, нова, чудна ждрепка за Лига на шампиони

Вечерва во Монако во седиштето на УЕФА се извлече ждрепка за новата сезона од Лига на шампиони, елитниот турнир кој во новото издание ќе се игра во целосно нов формат. Нема веќе групна фаза.

Во Монако вечерва беа ѕвездите Кристијано Роналдо и Џанлуиџи Буфон кои влечеа ждрепка и помогнаа со одредување на паровите заедно со генералниот секретар на УЕФА Џорџо Маркети.

Претходно УЕФА го претстави видео спотот во кој учествуваат претседателот Александар Чеферин, Луис Фиго, Џиџи Буфон, Родри и Златан Ибрахимовиќ и во кое Златан вели дека буквално ништо не сфаќа од новиот формат во Лига на шампиони и дека УЕФА само нешто компликува.

Чеферин во шега му вели дека тоа е зошто никогаш не освоил Лига на шампиони, а Златан потоа го објасни односно прочитат новиот формат.

На почетокот на свечената церемонија Кристијано Роналдо доби специјално признание од УЕФА. Португалецот постигна 140 голови и освои дури пет пехари во Лига на шампиони (еднаш со Манчестер Јунајтед и еднаш со Реал Мадрид).

Наградата во облик на фудбалска топка му ја врачи лично првиот човек на УЕФА Александар Чеферин кој изјави дека се надева како Роналдо еден ден ќе се врати во елитниот фудбал. Кристијано додаде дека наградата ќе ја изложи во неговиот музеј во родниот град на островот Мадеира.

Од македонските претставници, Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб ќе играат против: Борусија Дортмунд, Баерн Минхен, Милан, Арсенал, Селтик, Салцбург, Монако и Слован Братислава.

Бојан Миовски во својата дебитантска сезона во ЛШ со Жирона ќе игра против: Ливерпул, ПСЖ, Арсенал, Милан, Феенорд, ПСВ Ајндховен, Слован Братислава и Штурм Грац.

Елиф Елмас со Ред Бул Лајпциг ќе се судри со: Ливерпул, Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Спортинг Лисабон, Селтик, Астон Вила и Штурм Грац.

Новост е и што првото коло ќе се игра во три дена, во вторник, среда и четврток а новата сезона во Лига на шампиони започнува на 17-ти септември.

 

29 август 2024 - 19:49