Најголемиот трансфер летово на фудбалскиот пазар во Европа беше преминот на Леонардо Бонучи од Јувентус во Милан. Најголем по многу нешта - Лео важи за еден од тројцата, четворица најдобри одбранбени фудбалери на денешницата, освои 6 титули по ред со најголемиот ривал на Милан каде уште првиот ден му ја дадоа капитенската лента. На страна што со Буфон е најстандарден репрезентативец на Италија.
Тифозите на Милан (сигурно преку 1.000 луѓе) еуфорично го пречекаа Бонучи во домот на клубот, му лупаа по Мерцедесот од среќа и пееја анти-Јувентус песни. Тифозите на актуелниот шампион веднаш го нападнаа Бонучи на социјалните мрежи и го нарекуваа предавник.
Во целиот тој општ хаос неколку дена додека траеле преговорите некои навивачи на Јуве нормално си купувале нов дрес од Бонучи за сезоната 2017/2018. Оригинал од JuveStore достигнувал цена и до 105 евра па сега кога Бонучи ќе игра за ривалски клуб нив дресот ништо не им значи, а ни вреди.
„Ако не постои опција за рефундирање на средствата, направете барем муштеријата да може да го замени купениот дрес со друг дрес од продавницата. Никој не очекуваше дека за толку кратко време Бонучи ќе се пресели во Милан и ќе потпише договор, така што треба да се сочуствува со потрошувачите кои не сакаат да го носат неговиот дрес од Јувентус“, стои во апелот на Codacons (Италијанско здружение за заштита на потрошувачите).