Приказна за фудбалскиот пат на Андриј Шевченко

Ветерот од Истокот што ја покори Европа

Студен како киевска зима пред голманите, Шева ги освои срцата на милиони и милиони миланисти. Од едно селце со 390 жители стигна до врвот на Европа и Златната топка за најдобар стрелец на континентот.

Седум светски чуда. Седум смртни гревови. Седум бои на виножитото. Седум дена во неделата. Седум музички ноти. Седум е и бројот на главниот јунак во приказнава.
 
Андриј Шевченко.
 
Роден е на 29. септември во селото Двиркившина, место со околу 390 жители на 130 километри источно од Киев, главниот град на Украина, во таа 1976. година сè уште СССР.
 
На три години, малиот Андриј се преселил во Киев со семејството, но после шест години биле принудени да се оддалечат од градот, затоа што близу нив се случила една од најголемите трагедии во човештвото, катастрофата на Чернобил. Советските власти неколку дена не знаеле како да се справат со ситуацијата (чекале крај на школската година за да ги евакуираат децата), по што родителите на Андриј решаваат да ги пратат него и 3 години постарата сестра Елена близу Доњецк.
 
Неговата иднина не покажувала знаци дека ќе стане фудбалер, особено што татко му Микола запнал неговата гордост да работи во војската. И самиот Микола бил механичар во армијата, мајка му Љубов медицинска сестра. На 9 години Андриј почнува да игра за школската екипа која што била предводена од женски тренер. Родителите никако не биле согласни со идеата малиот да трча по топка, наместо да учи за тестовите во школо. „Кој уште се најал од трчање по топка“, му велел татко му.
 
Покрај нив, Андриј уште една пречка имал и во превозот до теренот каде тренирал затоа што до таму морал да го помине буквално целиот град. По извесно време на тренинзи го носел Александр Шпаков, скаут на Динамо Киев кој прв го забележал талентот на Шевченко. Во август 1991. година, екипата во која играл Шевченко го освојува последното младинско првенство на СССР, а малиот Андриј веќе е на пат кон Динамо Киев, екипа која што ќе го лансира во орбитата.
„Едвај успеавме да го убедиме татко му да го пушти да игра фудбал. Игравме на картата дека фудбалот ќе му помогне да се развие, да порасне здраво за утре да биде спремен за во армијата“, раскажува Онишенко, првиот тренер на Шевченко.
Со тимот на Динамо Киев до 14 години, во Велс го освојува реномираниот Куп Јан Раш, а Шева како прв стрелец на турнирот добива еден пар копачки од славниот напаѓач Јан Раш кој лично му ги предава.
„Ми беа мали и ме стегаа, но ги носев сè додека прстите не ми излегоа од нив“, се смееше подоцна Шевченко во изјава за Гардијан.
Само неколку месеци подоцна со младинците ќе оди во посета на Сан Сиро каде ќе почне неговиот сон еден ден да заигра во Милан.

Во есента 92-ра година, веќе физички добро изградениот шпиц преминува во Динамо 2, вториот тим на Динамо Киев каде тренер му бил Владимир Онишенко. Уште во првата сезона станува прв стрелец со 12 голови, а јавноста добро го запознава по двата ефектни гола на мечот меѓу младинците на Украина и Холандија.
 
Како што среќата ги следи храбрите, така за Шевченко се отворила можност да дебитира за првиот тим и тоа во големото дерби против Шахтјор Доњецк на 8. ноември 1994. година кога влегува во игра наместо Михаил Јишкарјани.
 
Само 15 дена подоцна Андриј Шевченко за првпат ќе игра во Лигата на шампионите кога во 57. минута од мечот против ривалот Спартак Москва го заменува легендарниот Сергеј Ребров, човекот со кој наскоро ќе ја дрмаат Европа. Во рок од шест дена ќе ги постигне првите голови, во првенството и во Лигата на шампионите и тоа против Баерн Минхен.

Пресврт во неговата кариера се случува во сезоната 97/98 кога тренер на киевскиот гигант станува Валериј Лобановски, човекот поради кој Шевченко ќе стане тоа што ќе стане и човек кој е најзаслужен за првата титула на Динамо Киев во СССР 1961-ва година (прва за клуб надвор од Москва во тоа време).
„Кога го запознав се чудев како некој може да е толку строг. На секој посебно ни објаснуваше што значи да се работи во колектив. Многу го смени мојот поглед на фудбалот. Ми помогна да сфатам дека со концентрација, воља и смисол за заедништво може да го победам било кој противник. Ми беше како втор татко, многу ми помогна и на приватен план и затоа отидов со освоените трофеи во кариерата на неговиот гроб. 50% се моја заслуга, а 50% негова", изјави Шевченко години подоцна како голема легенда на европскиот фудбал.

Првпат се запиша во историјата на Камп Ноу, тој голем и славен фудбалски храм. Пред 90.000 гледачи, Барселона - Динамо Киев 0-4. Три гола на Шевченко за 45 минути и шок во европскиот фудбал. Кој е тој малиот од Динамо Киев?
 

Тој мал ќе освои пет титули по ред во Украина, три купа и ќе го елиминира големиот Реал Мадрид од Лигата на шампионите. Во него на прв поглед се вљубил Аидо Браида, човекот кој е најзаслужен што Милан се качуваше на европскиот врв во '90-те години, а подоцна ја продолжи мисијата во Барселона.

„Го гледав во живо и во неговите нози го препознав Руд Гулит. Не зборував многу, само му спомнав на Галиани да одиме да го гледаме. Баш тогаш одигра лошо и Адријано ми кажа: Луд ли си овој да го земаме? -Но никој не игра секогаш добро, не му е денот, му одговорив и отидов повторно за Киев да му подарам дрес од Милан на Шева. Со овој дрес ќе ја освоиш Златната Топка, слушај ме", се присеќа Аидо Браида, некогашниот спортски директор на Милан.

Кога Браида ги убедил сите во клубот, преселбата за Шевченко од Киев во Милано била културолошки шок. Сепак, благодарение на физичката макотрпна работа со Лобановски му овозможила спремен да дојде на Сан Сиро.

„Се сеќавам првата недела на тренинзи доаѓаше прв. По два часа тренинг кога влеговме под туш дојде и ме праша, Били извини кога почнува тренингот? Мислев дека игра мајтап, но сфатив колку е луд кога видов дека остана сам уште два часа да шутира и трча", Костакурта ги памети првите денови на Шевченко во Милан.

Кај Закерони, уште во првата сезона ќе постигне 24 голови (даде и на дебито против Лече) и така ќе стане првиот после Мишел Платини кој ја започнал кариерата во Италија на тој начин.

После две години без трофеј, Милан се засили со Неста, Сидорф, Ривалдо и Томасон и изгради состав за големи дела. Во тандем со Пипо Инзаги ги малтретираа голманите низ цела Европа. Шева го уживаше Милано и на приватен план. Со денешната сопруга, а некогашен американски топ модел Кристен Пазик се запознал преку Џорџо Армани во 2002. година. Познатата модна икона често го викал Украинецот да позира на фотосесиите. Нивното пријателство било толку големо што отвориле и два големи бутика во центарот на Киев.

Круната на неговата кариера дојде на Олд Трафорд и фамозното финале против Јувентус кога во пенал серијата Шева застанува очи во очи со Буфон и го дава решавачкиот гол за најголемиот европски трофеј. После тоа стигна и пехар во Супер Купот (со негов гол против Порто). Во август 2004. година со три гола против Лацио му го донесе на Милан Супер Купот на Италија, а истата година ја доби и Златната топка како најдобар европски фудбалер.

На врвот на Италија Украинецот се качи после неговите клучни голови против Рома на аситенции на Кака, Росонерите го освоија скудетото. Во 2006. година за првпат Украина се пласираше на еден Мундијал а најзаслужен за тоа беше малиот несуден војник од селото Двиркившина. Играше уште и во Челси од каде се врати во Милан на позајмица, за да во 2012-та година ја заврши кариерата во клубот којшто го прослави.