![](/files/styles/780px/public/offside/2023/10/27/400932-barselona-i-real-se-spremaat-za-prvo-zhestoko-sezonsko-el-klasiko.jpg?itok=PZv0iVgq)
Легендарниот „Камп Ноу“ се реновира во целост, од корен, па Ел класико за првпат ќе се игра на „Олимпискиот стадион“ каде Каталонците веќе се вдомија и навикнаа сезонава, како во Ла Лига така и во Лига на шампиони.
После 10 одиграни кола во Ла Лига, Реал Мадрид е прв со 25 бода, Барселона има 24 бода и е трета, а интересно најголемо изненадување досега е и Жирона која има исто бодови со Реал Мадрид и ја делат првата позиција. Атлетико Мадрид има меч помалку и е четврти со 22 бода па лесно би можел да им се приклучи на врвот.
На последните четири гостувања во Каталонија, Реал Мадрид има три победи а со страшниот триумф од 0-4 во полуфинале на Копа дел Реј минатата сезона, и вратија на Барса за идентичниот дебакл кој му го нанесоа на Реал на „Сантијаго Бернабеу“ во првенството.
Од тогаш се сменија некои работи. Реал е без својот лидер Карим Бензема кој се изнадава голови, но затоа го има Џуд Белингем, сјајниот млад Англичанец кого го доведоа за астрономски 100 милиони евра и кој веќе се промовираше во лидер на екипата со голови и асистенции.
Анчелоти се почесто на клупа го остава ветеранот Лука Модриќ а летово во клубот дојдоа анонимниот и возрасен центарфор Хозелу, Фран Гарсија и голманот Кепа Аризабалага кој го заменува повредениот Куртоа.
Кај Барса дојдоа многу нови засилувања и интересно сите играат во врвна форма. И Илкај Гундоган и Жоао Кансело и Жоао Феликс. Добри ролји досега во првенство и Лига шампиони пружија уште и Ориол Ромеу и Ињиго Мартинез, а екипата ја напуштија Бускетс, Алба и Усман Дембеле.
ШТО Е ПРЕДНОСТА НА РЕАЛ?
„Кралскиот тим“ во 10 кола досега во Ла Лига има 8 победи, 1 нерешена и 1 пораз (од Атлетико Мадрид 3-1 на гости).
Реал прими само 7 гола на 10 меча и ја има најдобрата одбрана во лигата. Притоа постигнаа 21 гола и тоа воглавно Белингем (8 Ла Лига, вкупно 11 гола на 12 меча сезонава во сите натпреварувања), Хоселу (5), Винисиус (2).
Анчелоти има млад и полетен тим особено во средниот ред каде веќе стаднардни стануваат Чуамени и Камавинга, покрај староседелците Валверде, Крос и Модриќ.
Одбраната е клучна кај тимот на Анчелтои и Италијанецот и во Каталонија ќе се потпре на неа. Составена од Алаба, Рудигер, Начо, Дани Карвахал, Ферлан Менди и Фран Гарсија, дефанзивата на Реал уште еднаш треба да го докаже аргументот на Анчелоти дека сè потекнува од одбрана и дека евентуална закана во напад ќе почне прво од добро сочуван гол.
ШТО Е ПРЕДНОСТА НА БАРСЕЛОНА?
Барса е единствениот непоразен тим во Ла Лига но од друга страна со три нерешени (0-0 со Хетафе, 2-2 на Мајорка и 2-2 со Гранада) пропуштија прилика да го запоседнат врвот.
Воглавно овие 2-2 резултати гореспоменати стигнаа по неочекувани голмански грешки на Марк-Андре тер Штеген кој лани бранеше надчовечки и беше меѓу најзаслужните за титулата.
Чави во меѓувреме ја продолжи прекрасната пракса да им дава шанса на бисерите од младинската фабрика за таленти Ла Масија. А децата му вратија со голема благодарност и голови - Ламин Јамал, Марк Гуи и Фермин Лопез: сите тројца постигнуваа победнички голови изминатиов период.
Тројцата ја знаат тежината на Ел Класико и наскоро би требало да застанат раме до раме со Педри и Гави како нова сјајна генерација на Каталонците кои со Чави се вратија на стариот пат на успехот. Рецептот е тој, да се истрпат клинците кои наскоро ќе станат клучни играчи во првиот тим, како некогаш нивниот наставник и другар му Иниеста.
Чави може да го радува и веста дека ровитите Де Јонг, Ориол Ромеу и посебно Левандовски тренирале со екипата и дека се спремни да се вратат на теренот.