
Барселона постигна четири гола во 29’, 38’, 47’ и 53’ минута. Прво две одлични асистенции имаше Осман Дембеле а првите два гола ги дадоа Обамејанг и Роналд Араухо после центаршути.
Третиот гол беше дело на Феран Торес, а Обамејанг со својот втор погодок на Ел Класико ги постави конечните 4-0.
Реал играше без најдобриот свој и најдобар играч во шпанска Ла Лига сезонава, Карим Бензема (22 гола и 12 асистенции досега, од трибини го гледаше Ел Класико).
Барселона не се исплаши пред преполните домашни трибини и веднаш воспостави контрола на мечот, како во старите добри времиња со Чави, Иниеста, Меси и легендарната екипа. Синоќа Каталонците на стартот имаа 62% наспроти 38% посед на топка на Реал Мадрид.
Играа одлично без топка и во пресинг на противничка половина. По удари каталонците исто така беа подобри: 12 наспроти 4 (7-2 во рамки на гол).
Габонецот Обамејанг кој во кариерата се изнадава голови за Сент Етјен, Борусија Дортмунд и Арсенал, сега стана првиот играч во XXI век кој дал гол на последните пет меча против Реал Мадрид (6 гола во различни дресови).
Реал го изгуби второто Ел класико сезонава без Карим Бензема.
НА БАРСА СЕ Ѝ ОДЕШЕ ОД НОГА
Новиот тренер Чави воспостави одлична кохезија во тимот, атмосферата е одлична после сите бури што се случуваа на „Камп Ноу“ и екипата растура на сите полиња (во Лига Европа се пласираа во четвртфинале).
Пјер-Емерик Обамејанг по мрзливите и досадни партии во Арсенал каде повеќе беше отсутен отколку што придонесуваше на терен, сега игра во блескава форма.
Во тандем со брзиот техничар Феран Торес, Обамејанг финишира како во најдобрите денови од кариерата. Педри синоќа одигра одлична улога во Ел Класико и тој беше заслужен што Барса ја доби средината на теренот, како неговиот актуелен наставник на времето.
Одлична партија одигра и Осман Дембеле кој откако се врати во тимот по казната, игра како препороден и со сигурност е еден од најдобрите играчи на екипата и најзаслужни за сјајниот подем на Барселона.