Бандата на Диего Симеоне го елиминираше Јунајтед, Бенфика подобра од Ајакс сред Амстердам

Фудбалерите на Атлетико Мадрид и Бенфика се четвртфиналисти во Лига на шампиони откако вечерва со идентични 0-1 ги совладаа Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ и Ајакс на „Јохан Кројф Арена“.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД - АТЛЕТИКО МАДРИД 0:1 (0:1)
/Ренан Лоди 41'/

Атлетико Мадрид оствари еден од најголемите триумфи во својата клупска историја откако славеше на тешкото гостување на „Олд Трафорд“ и со вкупен резултат 1:2 оди во следната рунда - четвртфинале.

Премиерлигашот имаше повеќе од играта и од шансите но гостинскиот голман Јан Облак бранеше како во транс и е најзаслужен што „јорганџиите“ го скротија „Олд Трафорд“.

Особено неколку шанси имаа домашните преку Далот, Кристијано Роналдо и младиот Еланга кој на првиот меч само што влезе и постигна гол, но словенечкиот голман беше супериорен вечерва.

На крајот Атлетико Мадрид успеа да ја сочува предноста од 0:1 и на голема радост на Диего Симеоне оди понатаму.

АЈАКС - БЕНФИКА 0:1 (0:0)
/Дарвин Нуњез 77'/

„Копјаниците“ уште од самиот старт на мечот наметнаа свој ритам, играа офанзивно и во 7' минута постигнаа погодок но им беше поништен поради офсајд во кој се најде најефикасниот шпиц во Лига на шампиони сезонава со Левандовски, Себастијан Алер.

Ајакс во првиот дел издоминира во целост, имаа огромен посед на топка и упатија дури девет шута кон противничкиот гол, но Гркот Одисеас Влаходимос остана несовладан со мирни реакции на голот.

Гостите одиграа мудро, му ја препуштија иницијативата на Ајакс и чекаа своја прилика. Од една таква ретка шанса во 71' минута го замрзнаа домашниот стадион. Уругваецот Дарвин Нуњез беше прецизен по еден центаршут од десна страна и маестрално го матираше Андре Онана за водство 0-1, гол кој на крајот се испостави за клучен.

Бенфика оди во четвртфинале каде веќе се и Атлетико Мадрид, Баерн Минхен, Реал Мадрид, Ливерпул и Манчестер Сити.

15 март 2022 - 23:56