Навивачите ширум светот го поминуваат летото со вестите за трансфер гласините за нов играч во нивната екипа. Но, како и играчите од светска класа, така и спонзорите на екипите ги менуваат своите клубови. Нема лето, а некоја екипа да не добие нов генерален спонзор, чие име ќе го носи на дресот следната сезона.
Првиот спонзор на еден дрес во Британија се појави во 1979. година, кога европскиот првак Ливерпул стана првата англиска екипа со банер на својот дрес. Клубот од Енфилд се договори со Хитачи, а Црвените требаше 2-години да го носат името на оваа компанија на дресовите за 100.000 фунти или 50.000 годишно.
Договорот предвидувал Ливерпул да го носи дресот со Хитачи на градите на натпреварите кои не се даваат на телевизија и на дуелите кои не се од ФА Купот. Кога клубовите почнаа да раскрстуваат со традицијата, сфатија дека континенталниот концепт со спонзор на дресовите е голема прилика за пари во клупската каса.
Следен беше Арсенал, кој во 1981. година потпиша со легендарната јапонска компанија за телевизори и електроника JVC. Тобџиите заработија во тоа време рекордни 500.000 фунти за три сезони, но тоа е смешна сума во споредба со она што денес го заработуваат од спонзорот Емирати, 30 милиони фунти годишно.
Во 1999. година, гигантот за видео игри Sega стана спонзор на Арсенал за 2,5 милиони фунти. Постои анегдота кога Арсенал бил принуден да го сокрие името на спонзорот во дуелот со Фиорентина, затоа што Sega како сленг во италијанскиот јазик значи мастурбирање.
Еден од највпечатливите спонзори во англискиот фудбал за сигурно беше Dr Martens, познатиот производител на чизмите мартинки, кои беа вистински хит во '80-те и '90-те години ширум стадионите во Европа. Навивачите на Вест Хем станаа препознатливи по мартинките и панкерскиот начин на делување.
Со 40 милиони фунти годишно од Јокохама, Челси е веднаш до Манчестер Јунајтед по заработката од спонзори. Прв спонзор на тимот од западен Лондон била компанијата Gulf Air која го поддржувала Челси во 1984, година додека играл во втората лига. Компјутерскиот гуру Комодоре беше компанија која на Челси му ја донесе првата голема заработка од 1,25 милиони фунти годишно.
На Ливерпул не му требаше долго да го врати приматот меѓу спонзорите, па така Карлзберг го креваше Ливерпул од 1992. до 2010. година (најдолга спонзорска ера во историјата на британскиот фудбал). За тоа време Манчестер редеше успеси со Шарп како свој спонзор (од 1983 до 2000). Во 2000-та година Водафон за неверојатни 30 милиони фунти стана генерален спонзор на клубот од Олд Трафорд, а најзаслужен за тоа беше директорот на Јунајтед, Питер Кенион.
Од една во друга крајност, англискиот фудбал отиде минатата година, кога автомобилскиот гигант Шевролет стана главен спонзор на Манчестер Јунајтед за астрономски 47 милиони фунти годишно.