Арсенал повторно со пресврт до победа и рекорд

Екипата на Арсенал го совлада Њукасл со гол во 95-та минута и постави нов рекорд. Топџиите се првата екипа во Премиер лигата која на четири натпревари по ред победува и покрај тоа што противникот прв бил во предност.

Во 25-то коло Сандерленд прв поведе, но Арсенал победи со голот на Анри во 91-та минута. Следното коло Тотенхем водеше со 0:2, за на крајот Арсенал да победи со 5:2, а минатото коло Ливерпул прв дојде во водство, но Арсенал триумфираше со голот на Робин ван Перси во 92-та минута.

И денес повторно се репризираше истото сценарио.

Први поведоа избраниците на Алан Пердју во 14-та минута, а стрелец на голот за Њукасл беше Хатем Бен Арфа.

Но радоста на гостите не траеше ни цела минута. Арсенал израмни само што појде од центарот со голот на најдобриот стрелец во лигата, Робин ван Перси.

Фудбалерите на Арсенал имаа повеќе од играта во продолжението од натпреварот, но не успеваа да ја искористат иницијативата, се до 95-та минута кога Томас Вермален искористи една топка на втората статива и ја смести во мрежата на Крул.

Ова беше 170 дуел помеѓу Арсенал и Њукасл и сега двете екипи се израмнети со по 66 победи и одиграле 38 нерешени натпревари. Со петтата победа во серија Арсенал се искачи на четвртата позиција и заостанува само еден поен зад Тотенхем. Њукасл остана на шестата позиција.

ПРЕМИЕР ЛИГА - 28. КОЛО

сабота:
Болтон - Квинс Парк Ренџерс 2:1
Пратли 37, Класниќ 86 - Сисе 47

Сандерленд - Ливерпул 1:0
Бендтнер 56

Вулверхемптон - Блекбурн 0:2
Хоилет 43, 69

Астон Вила - Фулам 1:0
Вејман 93

Челси - Стоук 1:0
Дрогба 68

Евертон - Тотенхем 1:0
Јелавиќ 22

недела:
Манчестер Јунајтед - Вест Бромвич Албион 2:0
Руни 35, 71п

Свонси - Манчестер Сити 1:0
Мур 82

Норич - Виган 1:1
Хулахан 10 - Мозес 68

понеделник:
Арсенал - Њукасл 2:1
Ван Перси 15, Вермален 95 - Бен Арфа 14

12 март 2012 - 23:41