„Никој не може да каже дека на Аргентина и фалат играчи. Имавме страшни играчи во 2002, 2006, 2010, но да се освои Светско првенство не е лесно. Физичката подготвеност е витална, а тие може да се уморни и тогаш е тешко. Среќата исто игра улога", вели Уго Токали кој беше селектор на генерацијата на Меси која го освои Мундијалот У-20 и му беше помошник тренер на Хозе Пекерман во 2006-та.
Без Нејмар кој сака на Бразил да му го донесе првото Олимписко злато летово на домашен терен и Луис Суарез неизвесен за настап за Уругвај поради повреда, тешко е да се замисли дека Аргентина некогаш ќе има поголема шанса - па дури и да не игра Меси поради мала повреда на грбот на пријателската против Хондурас и проблеми со судството во Шпанија.
Не дека противниците се ослабени, туку затоа што селекцијата на Аргентина е во форма. Меси, Ди Марија и Агуеро имаа одлични сезони а Гонзало Игуаин кој промаши добра шанса во финалињата на Светско и Копа Америка сезонава даде 36 голови за Наполи и го сруши рекордот во Серија А стар од 1950-та година.
Игуаин често не беше на право место за Аргентина. Тој е играч кому поранешниот тренер не му даваше да изведе пенал затоа што промаши неколку важни пенали.
„Многу играчи дојдоа по 60, 70 одиграни средби сезонава. Зборувавме за тоа. Не е само физичка, туку и психичка исцрпеност", изјави Игуаин пред почетокот на Копа Америка ноќта меѓу петок и сабота.
Другиот фаворит, Бразил, во САД допатува без Нејмар, Тиаго Силва, Давид Луиз, Марсело, Даглас Коста, Фернандињо, Кака и Фирмино кои се повредени или неповикани од селекторот Дунга. Кариоките сакаат да го обелат образот по страшниот дебакл од Германија во полуфиналето на СП дома кога загубија (1-7).
Чиле кој лани го освои турнирот после цели 99 години чекање не е истата репрезентација по заминувањето на селекторот Хорхе Сампаоли. Колумбија има играчи кои можат да направат разлика но тие се уште се адаптираат на пост-Фалкао селекцијата и беа најголемо разочарување лани во Чиле.