Апсења во Турција, политика или спорт?

Турската полиција денес привела 38 лица кои се сомничат дека „ја наместиле управата на Фенербахче" во периодот на истрагата за корупција пред 5 години кога Фенербахче беше исфрлен од Европа.

Државната агенција Анадолија објави дека полицијата имала налог за апсење на 64 лица осомничени за заговор против функционерите на тогашниот турски шампион. Минимум 38 лица се задржани после рациите во Истанбул и 27 други турски градови.
 
Опозициските медиуми во Турција пишуваат дека со овој потег власта продолжува со напорите да го скрши отпорот на следбениците на умерениот муслимански водач Фетулах Ѓулен којшто е во егзил во САД.
 
Анадолија соопшти и дека осомничени се неколку шефови на полицијата, адвокати и неколку новинари кои ги очекуваат обвиненија за формирање „терористичка организација“ и припадност кон неа како и за незаконско прислушкување. За потсетување, неколку водечки луѓе на клубот Фенербахче, меѓу кои и претседателот Азиз Јилдирим, потпретседателот Секип Мостуроглу и фудбалерите Емануел Еменике и Сезер Озтурк беа уапсени и затворени во 2011. година. Им се судеше за наместени натпревари, но минатата година сите беа ослободени на повтореното судење, пишува Вашингтон Пост.

Фенербахче и навивачите на овој клуб тврдеа дека целиот случај им ги мести полицијата и судството кои се поврзани со движењето на гореспоменатиот Ѓулен. Според нив, лидерот на опозицијата во егзил така се обидел да преземе контрола врз најголемите турски клубови.
 
Владата пак ги обвини следбениците на Ѓулен дека стојат зад големата корупциска истрага од 2013. година во која биле вмешани најблиските луѓе на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Власта без многу размислување ја прогласила оваа организација како терористичка.
 
Ѓулен во моментов е во САД, му се суди во отсуство, а Фенербахче се бори за титулата во домашното првенство.