Апликација за „Фејсбук навивачите“

Одлична апликација за македонските „Фејсбук навивачи" кои се гласни само преку тастатури, а ги нема на стадион. Навивачите од Тунис на кои им е забранет влез на стадион, можат да навиваат преку мобилен телефон.

Фудбалските фанови на кои им е забрането да одат на стадион и да им дадат поддршка на своите омилени тимови, отсега ќе можат да навиваат преку апликација без воопшто да излезат од дома.

Поддржани од Фудбалската федерација на Тунис, софтверска компанија од оваа земја разви апликација која им овозможува на навивачите да навиваат, аплаудираат и да прават галама без да прекршат никаков закон.

Оваа апликација на навивачите од Тунис им беше потребна заради политичките проблеми кои датираат од 2011-та година кога владата одлучи да забрани масовни собирања, а тоа значеше и затворање на вратите на сите стадиони.

На клубовите очајно им беше потребна поддршка од навивачите, па во пресрет им излезе софтверската компанија која ја направи апликацијата преку која навивачите повторно се поврзаа со своите херои.

Апликацијата за прв пат беше тестирана на натпревар на клубот Хамам-Лиф чии навивачи преку мобилните телефони аплаудираа, пееа, навиваа и чукаа на тапани, а звуците се пренесуваа преку 40 звучници околу теренот.

Резултатот беше очигледен. Вкупно 93.100 навивачи се вклучија за време на натпреварот на стадионот со капацитет од 12.000 гледачи и му помогнаа на тимот да ја извојува посакуваната победа кога им обезбеди опстанок во лигата.

4 октомври 2013 - 09:28