Не, ова не е извештај за натпревар помеѓу Бурунди и Зимбабве, па дури и да беше извештај за тој натпревар, сигурно ќе имавме повеќе информации. Ова е извештај за официјален пријателски натпревар на националниот тим на Македонија.
Македонската фудбалска репрезентација одигра уште еден натпревар далеку од очите на јавноста. Според некои информации, на стадионот во Есторил, имало само 200 гледачи и не само што не можевме да гледаме пренос од овој натпревар, туку и единствено нешто што би можеле да видиме се сликите на Фејсбук од мобилните телефони на резервните фудбалери.
Од информациите кои можат да се најдат на интернет и тоа благодарение на интернет кладилниците на кои овој натпревар беше понуден за кладење во живо, Македонија имала 8, а Ангола 7 корнери.
Најблиску што можевме да дојдеме до некаква информација е една вебстрана од Ангола на која пишува дека сериозна шанса имал Филип Ивановски кој во 13-та минута со глава биел во голманот на Ангола, а македонската репрезентација одиграла многу дефанзивно, посебно во второто полувреме откако играта ја напуштил Пандев.
Од оние „официјални" информации на вебстраната на ФФМ, можеме да дознаеме дека Македонија имала повеќе од играта и повеќе ја поседувала топката. Најзрелата шанса ја имал Шиков во 83-та минута кога од 7-8 метри биел кон голот на Ангола но бил изблокиран од згуснатата противничка одбрана. На спротивната страна Ангола не успела воопшто посериозно да се закани кон нашиот гол.
Македонија одиграла со следниот состав: Нурединоски, Д.Георгиевски, Урдинов, Шиков, Грнчаров (Мојсов 46м), Новевски, Демири (Демири 46м), Тричковски (Хасани 60м), Пандев (Спировски 46м) , Ибраими (Муарем 85м) и Филип Ивановски (Фазли 62м).
„Екипата денеска изгледаше малку уморно по средбата со Португалија. Сепак сум задоволен бидејќи иако не постигнавме погодок создадовме неколку убави шанси а во дефанзива повторно добро се браневме и мислам дека Ангола не успеа да создаде ниту една посериозна шанса. Направивме шест замени и морам да кажам, дека овојпат научив многу за репрезентативците во овие 10 дена дружење. Што се однесува до противникот вечерва против себе имавме една добра екипа која игра брз фудбал но ние солидно ја контролиравме секоја ситуација. Ќе мора да ја поправиме играта во завршницата и да постигнуваме голови доколку сакаме да победуваме особено од изгледните прилики кои многу значат на квалификациски натпревари. Овој собир беше вистински тест и почнувајќи од дуелот на младата репрезентација со С.Ирска во Куманово па до денеска сите средби беа многу корисни за она што не очекува во септември. Се надевам дека ќе извлечеме со дополнителните анализи многу информации за да се подготвиме максимално", изјавил селекторот Џон Тошак за вебстраната на ФФМ.