Англија во војна со Најк, го брани националниот симбол пред Европско

Репрезентациите учеснички на Европското првенство 2024 полека ги објавуваат своите нови гарнитури во кои ќе настапат на најголемиот фудбалски турнир летово. Како и секогаш, има многу примедби. Овојпат оправдани.

Англиската фудбалска јавност бурно реагираше на тоа што компанијата Најк која што им ја произведува опремата, на задниот дел од дресот, кај вратот вековниот крст на Свети Ѓорѓи во црвена и бела боја го смениле во пурпурно виолетова боја.

Реакциите биле бурни. Стигнало дур и до премиерот на Велика Британија Риши Сунак кој рекол дека „го преферира оригиналот и дека националното знаме е извор на гордост и идентитет“.

„Кога станува збор за нашето државни обележја, не смееме да си играме со нив зошто се извор на гордост, идентитет, на тоа кои сме и совршени се такви какви што се“, рекол премиерот Сунак.

Државната секретарка за кутура на В. Британија Луси Фрејзер напишала: „Навивачите секогаш се први и јасно е дека ова не е тоа што тие го сакаат. Нашето културно наследство, крстот на Свети Ѓорѓи не обединува. Да се игра со тоа е бесмислено и непотребно“, напишала Фрејзер.

Веќе се потпишува и петиција за итно враќање на правото знаме на Англија на дресот а ја потпишале повеќе од 16.000 луѓе.

Генералниот секретар на Лабуристичката партија Емили Торнбери рекла: „Сигурно не очекувате Најки да го смени хералдичкиот велшки змеј за маче?! Или Францускиот триколор да биде обратно свртен? Зошто го прават тоа?! Не разбирам.“

Од Најк пак нејасно рекле дека дресот за Евро2024 има и „разигран додадок“ на крстот со цел „да обединува и инспирира“. Гигантот од САД соопштил дека боите на националниот симбол на Англија на дресот биле инспирирани од боите на англискиот дрес од Светско првенство 1966 кога станаа светски шампиони.

Против вакво сквернавење на националните симболи застанале и поранешниот прв човек на ФА Адријан Бевингтон и некогашниот голман Дејвид Симан.

„Што е следно? Дали ’трите лава’ (грбот на фудбалска Англија) ќе го сменат во три мачки? Оставете го тоа на мира“, рекол Симан и додал: „Имав слична ситуација со црвен дрес на Европско првенство 1996. Прашав дали тоа мора да го носам? Но ова е нешто друго. Ова е знаме на Свети Ѓорѓи. Сигурен сум да ги прашале момците (репрезентативците) за тоа дека сите би рекле не“.

Барања за враќање на боите на правиот крст на Свети Ѓорѓи доаѓа и од лидерот на Лабуристичката партија Сер Кеир Стармер кој побарал директно од Најк да ја смени одлуката за такви бои на симболот.

22 март 2024 - 14:05