Англија не се плаши од пораз

Новиот капитен на англиската репрезентација, Стивен Џерард свесен за квалитетот на противникот во првиот настап на Европското првенство, истакнува дека евентуалниот пораз од Франција нема да биде решавачки за конечната разврска во групата Д каде настапуваат уште селекциите на Украина и Шведска.

"Нема да биде крај на светот доколку доживееме пораз во дуелот против Франција. Нашиот прв противник е исклучително квалитетен, а евентуалниот неуспех може да се надополни на следните два меча со Шведска и Украина", изјави Џерард.

Капитенот на Англија потенцира дека за квалитетот на противникот се потврдува и со фактот дека Франција нема пораз на 21 натпревар и серијата трае од септември 2010, кога на домашен терен "триколорите" загубија од Белорусија. Во овој период избраниците на селекторот Лоран Блан забележаа 15 победи и шест нерешени резултати.

Против Англичаните е и традицијата во меѓусебните дуели на големите натпреварувања. Гордиот Албион последната победа против селекцијата на Франција ја забележал на Светското првенство во 1982 година во следните два меча на Евро 92 натпреварот завршил без голови додека на Европскиот шампионат во 2004-тата Французите славеа со 2:1.

Идентичен став пред стартот на натпреварот има и селекторот на Франција, Лоран Блан, кој исто така смета дека епилогот на дуелот со Англија нема да биде клучен за конечниот пласман.

"Натпреварот има големо значење, но нема да биде решавачки. До крајот на првата фаза не очекуваат уште два меча и затоа секој настап си има свое значење. Дуелот ќе биде судир на два сосема различни стила на игра и поради тоа предизвикува голем интерес", изјави Блан.

Натпреварот меѓу Франција и Англија почнува во 18 часот, а ќе се игра на Донбас Арената во Доњецк.

11 јуни 2012 - 15:18